Пациентката Наумовска сѐ уште моли по болничките ходници да ѝ стават вештачки колк и протези за да прооди

Фото: Слободен печат

Виторе Наумовска од тетовско Непроштено се` уште моли по болничките установи да и` биде поставен вештачки колк и потребните протези за левата нога, откако во 2019 година и беа хируршки остранети во „ГОБ 8 септември“ во Скопје, поради дотраеност, односно поминат рок.

„Слободен печат“ пред три месеци објави сторија за Наумовска која едвај се движи со помагала. Таа се пожали дека болниците или не се нафаќаат да ја оперираат или се правдаат дека немаат материјал.

Од Фондот за здравство уште тогаш добивме одговор дека на болницата „8 септември“ ѝ е зголемен годишниот надоместок за 49 милиони денари (околу 800.000 евра), пари со кои може да се спроведе јавна набавка за протезите.

Но и сега по три месеци Наумовска од „ГОБ 8 септември“ го добила истиот одговор, дека немаат пари да набават протеза. Се надева дека од Клиничкиот центар ќе и помогнат да застане повторно на нозе.

„Јас откако преку медиумите го видов одговорот од Фондот за здравство дека е зголемен годишниот надоместок на „ГОБ 8 септември“ отидов неколку пати до оваа болница да ги прашам дали ќе набават материјал, како што најавија и од Фондот. Но, од болницата ми одговорија дека имаат голем долг којшто мора да го покријат и нема да имаат пари да ги набават потребните материјали. Потоа овој понеделник отидов во државната болница и таму ме чуваа цела вечер, оти не беа дојдени на работа дел од раководството. Кога дојдоа ми рекоа дека имаат материјал, но не ми дадоа прецизен одговор дали ќе ме оперираат. Ми рекоа дека не знаат кој доктор ќе се нафати да ме оперира, оти ногата била без материјал три години и била комплицирана операцијата. Таа нога била три години без материјал, оти имаше пандемија и докторите одбиваа да ме оперираат поради ковидот и немањето материјал. Сега чекам дали ќе ми се се јават од државната болница, да видам дали ќе ме оперираат, оти вака сум практично без нога“, рече Наумовска.

Виторе Наумовска се надева дека потребните материјали ќе се набават, а таа конечно ќе добие колк и протези, за да може нормално да се движи.

„Со мака, со патерица ја влечам ногата, ја влечам со мака. Дополнително, по првата операција, чекавме малку да се смири раната, оти имав некоја инфекција. Сега дојдено е времето да се стави нова протеза и колк, но еве се` уште немам конкретен одговор, ги молам институциите да ми помогнат “, апелираше Наумовска.

Во болница ѝ го извадиле дотраениот колк и протези, а сега велат дека немаат материјал да ѝ стават нови

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот