„Ова не е политика, ова е криминал”: Илјадници демонстранти во Ерусалим побараа оставка од Нетанјаху (ФОТО)

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Илјадници Израелци синоќа демонстрираа во Ерусалим, барајќи оставка од премиерот Бенјамин Нетанјаху, кому му се суди за корупција и е обвинет дека не одговорил соодветно на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Помали протести се одржаа и во другите делови на Израел и пред куќата на Нетанјаху во крајбрежниот град Цезареја.

На протестот во Ерусалим, демонстрантите се собраа на влезот од градот и се упатија кон резиденцијата на Нетанјаху носејќи израелски знамиња, како и црни знамиња кои се симбол на едно од протестните движења.

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

На транспарентите што ги носеа пишуваше „Ова не е политика, ова е криминал”.

Владејачката коалиција на Нетанјаху привремено избегна можен распад оваа недела откако беше договорено со неговиот поранешен ривал, сега коалициски партнер Бени Ганц, гласањето за буџетот да се одложи до декември.

Доколку Ганц и Нетанјаху не успееја да се договорат за одложување на гласањето за буџетот, владата ќе паднеше и Израел ќе имаше четврти општи избори за помалку од две години.

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусите поттикнува протести затоа што, по првичниот успех во запирање на ширењето на заразата, Израел премногу брзо ја отвори својата економија во мај, што доведе до нагло зголемување на бројот на заразени.

Во Израел се заразени повеќе од 113.000 луѓе, а бројот на жртвите се доближува до 1.000.

Невработеноста е поголема од 20 проценти, а на протестите учествуваат и луѓето погодени од рестриктивните мерки.

Во меѓувреме, на Нетанјаху му се суди за измама, злоупотреба на доверба и примање мито.

Фото: EPA-EFE/ABIR SULTAN

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот