улица Варшавска во Тафталиџе/Фото: Фејсбук

Откако ќе се стави асфалт на Варшавска, нема да бидат дозволени прекопи

Улицата иако била претходно направена, поради зафатите што ги направиле „Водовод и канализација“ сега e полна со дупки и „крпеници“, па затоа одново ќе се асфалтира.

Жителите на улицата Варшавска во населбата Тафталиџе не ќе можат да ги приклучат своите куќи на канализациската мрежа откако ќе заврши нејзиното асфалтирање, доколку тоа не го сториле досега. Деновиве започна реконструкцијата на улицата на потегот од улицата Лондонска до Париска, на која претходно се правеше водовод и фекална канализација, со пари од Светска банка.

Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека улицата иако била претходно направена, поради зафатите што ги направиле „Водовод и канализација“, сега е полна со дупки и „крпеници“. Затоа Општината решила Варшавска да се асфалтира, да се заменат дел од оштетените рабници, а таму каде што има потреба да се изврши нивелација на шахтите.

-Сакам да ги предупредам граѓаните што живеат на оваа улица, а кои досега иако имале шест месеци време да извршат приклучок на нивните куќи на оваа канализациска мрежа, дека сега во овој период непосредно пред асфалтирањето, нема да можат да го направат тоа, затоа што потоа тие прекопи пропаѓаат и повторно ќе биде оштетена улицата. Тоа значи дека приклучок за нивните куќи ќе треба да си бараат на друго место – вели Јакимовски и додава дека по асфалтирањето нема да се дозволат какви било прекопи.

Поради изведување на градежните активности, ќе биде воспоставен нов привремен режим на сообраќај, кој ќе важи до завршување на реконструкцијата на улицата.

За реконструкцијата на Варшавска реагираа и од „На точак“ од каде што посочија дека на улицата нема да се изврши само рехабилитација на коловозот, туку дека примат ќе добијат пешаците, велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот од ранливите групи.

-Се надеваме дека нема да бидат оставени високи рабници на кружниот тек пред гимназијата „Ѓорѓи Димитров“, како што беше направено при т.н. реконструкции на источниот дел на оваа улица и на улица Париска изведени во последните четири години. Се надеваме дека ќе бидат слеани сите рабници на пешачките премини и ќе бидат поставени забавувачи на брзината на движење на моторните возила, шикани и микро кружни текови на раскрсниците – реагираат од „На точак“.

Оттаму додаваат дека улицата мора да биде направена со човекот на прво место, а автомобилите на последно, поточно дека мора да бидат прво направени условите за пешаците, децата, ранливите учесници во сообраќајот, велосипедистите, а на крај за автомобилите, кои би требало да се движат со 20км/ч поради близината на училишта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот