Остра осуда од Јанкоски и Општина Вевчани за палењето на бугарското знаме

Градоначалникот на Општина Вевчани Сашо Јанкоски го осудува палењето на бугарското знаме што се случи вчера за време на карневалот како несреќен и ирационален чин за кој се надева дека нема да фрли дамка на односите со источниот сосед.

Видео I Вевчански карневал: Василичарите продефилираа со маски, се судрија со полицијата, има и приведени

– Општина Вевчани најостро го осудува чинот на палење на знамето на Република Бугарија за време на карневалот во Вевчани. Овој чин не соодејствува со ставот на Општината и најголемиот процент на нејзиното население. Напротив, Вевчани е меѓу првите општини во Македонија збратимена со градчето Мелник, општина Сандански, како членови на Асоцијацијата на карневалските градови кои негуваат слични традиции. Општина Вевчани и вевчанци и во минатото веднаш ги осудувале палењата и на знамиња на други држави и упорно стоиме на ваквиот став и во иднина и сметаме дека ваквиот чин на изразување револт е недопустлив макар и за најирационалниот, најстариот  и најавтентично сочуван пагански карневал во светот како што е опишуван Вевчанскиот карневал низ годините од речиси сите светски медиуми. Се надеваме дека овој несреќен чин и ирационален чин нема да фрли дамка на меѓусоседските односи – вели градоначалникот Јанкоски за „Слободен печат“.

Видео I Вевчански карневал: Василичарите продефилираа со маски, се судрија со полицијата, има и приведени

Општина Вевчани претходно ја откажа организацијата на карневалот поради коронавирусот, но тој сепак се одржа, а полицијата интервенираше за да го спречи групното собирање. Палењето на знамето се случило на крајот на карневалот, кога традиционално се палат маските.

Пендаровски: Палењето на знамето на Република Бугарија на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда

Полицијата трага по сторителот на ова кривично дело, кое е именувано како предизвикување на омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа, за кое е предвидена затворска казна од една до пет години. На 20 ноември во Гази Баба исто така беше запалено знамето на Бугарија, но од МВР не одговорија на прашањето на „Слободен печат“ дали сторителот е пронајден и казнет.

Захариева: Упатен е остар вербален демарш до МНР за запаленото бугарско знаме во Вевчани

Бугарија упати демарш до Министерството за надворешни работи поради запаленото знаме, а МНР и претседателот Стево Пендаровски го осудија инцидентот.

Захариева: Упатен е остар вербален демарш до МНР за запаленото бугарско знаме во Вевчани

Ова не е прв ваков инцидент за време на вевчанските василичарски поворки. Дојче веле утрово потсети дека во 2012 година беше запалено грчкото знаме и беше изведен симболичен погреб на Грција со ковчег и некролог, на што грчкото МНР испрати протестна нота до Скопје, во која настанот го оцени како „провокативен“ и „навредлив“, со став дека треба да се преземат мерки за да се избегнат слични инциденти во иднина. Грчки европратеник тогаш постави прашање дали Европската комисија е запознаена со случајот, дали ќе реагира и дали смета дека ваквите активности ги поткопуваат изгледите за успех на тешките преговори за името.

Пендаровски: Палењето на знамето на Република Бугарија на карневалот во Вевчани е недопустливо и за осуда

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот