Осомничениот за убиството во Старата чаршија е уапсен на Косово, почнува постапка за екстрадиција
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека осомничениот за убиството на младиот Турчин во Старата скопска чаршија во новогодишната ноќ, кој се гони за убиство и обид за убиство, е уапсен на Косово и дека веќе е почната постапката со која се бара тој да биде испорачан во Македонија.
Препорачано
Според ОЈО, во кафе-бар во Старата чаршија, осомничениот 25-годишник со престојувалиште во Тетово започнал расправија со двајца други турски државјани на возраст од 22 и 23 години, од кои едниот со престојувалиште во Скопје, а другиот жител на германскиот град Есен.
„По расправијата, двајцата оштетени со други лица заминале кон плоштадот, меѓутоа бидејќи не успеале да најдат такси повторно се вратиле кон чаршијата и поминале во близина на истиот кафе-бар. При повторна средба со осомничениот, расправијата продолжила, а тој извадил нож со кој му нанел четири удари во градниот кош и срцето на оштетениот Ахмет Мерт Доган, кој починал на самото место. Со еден удар му нанел телесна повреда – убодна рана во грбот и на другиот оштетен, со намера и него да го убие, по што побегнал од местото на настанот“, велат од ОЈО.
Откако е откриено дека осомничениот избегал на Косово и дека таму е уапсен, започната е постапката за негова екстрадиција во земјава.
Во текот на вчерашниот ден беа преземени повеќе дејствија за обезбедување докази, беше наредена обдукција на починатиот, беа подигнати траги за вештачење, беа извршени разговори со повеќе лица, а беа обезбедени и снимки од видеонадзор преку кои беше извршена идентификација на осомничениот. Со дејствија на потрага истражните органи добија сознанија дека осомничениот се наоѓа во Косово, каде е лишен од слобода од косовските органи, така што јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор во отсуство врз основа на кој веднаш ќе биде иницирана постапка за екстрадиција, додаваат од Обвинителството.
Убиен турски државјанин во Старата Чаршија, убиецот е во бегство


