Основци „испрашувани“ дали имале секс со постари!?

Училиште / илустрација / Фото: Слободен печат

Инсистирав дека ние како родители имаме законско право да знаеме какви прашања им биле поставени на децата. Едвај ни прочита само три прашања, од кои едното беше: „Дали сте сликале сцена со сексуална содржина во соблекувална или во тоалет и дали сте ја објавиле на интернет“ – раскажува мајка на ученик.

„Дали си имал/а сексуални односи со лица пет постари години од вас“, „колку заработуваат твоите родители“, „дали твоите родители се алкохоличари“, „дали си имал/а самоубиствени нагони“, „дали дома редовно имаш храна“ се само дел од прашањата од анкета на која одговарале ученици од основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Битола, која ги разгневи нивните родители.

Родителите, кои без да ги видат прашањата се согласиле на „анкета за насилство и булинг во училиштето“, сега инсистираат да знаат дали овие прашалници ги изработуваат стручни лица и кој ги одобрил.

Љубица Мусуланова-Ристевска, претседател на Советот на родители во училиштето, вели дека со вакви прашања на децата, наместо да се заштитат, им се даваат лоши идеи. Како претставник на родителите, таа имала состанок со Димитринка Јорданова-Пешевска, професорка од Универзитетот „Американ колеџ“, која го спроведувала анкетниот прашалник. На состанокот присуствувале и двајца наставници, како и една соработничка на професорката, а не присуствувала директорката на училиштето.

Мусуланова-Ристевска добила одговор дека анкетата се спроведува за научноистражувачки потреби на професорката Јорданова-Пешевска, која како експерт работела за СЗО и УНИЦЕФ. Целта на анкетата била да се види каква е состојбата со „булингот“ во училиштата надвор од Скопје, откако претходно биле спроведени вакви анкети и во главниот град.

– Ниту еднаш не ни беше даден на увид анкетниот прашалник што го пополнуваа децата. Професорката Јорданова-Пешевска цело време се вадеше на тоа дека во анкетите имало одговори на децата и не сакала да се компромитираат. Јас ѝ побарав да ги прочита сите прашања со понудените одговори, што исто така одби да го стори од, за мене, нејасна причина. Таа, наводно, имала авторско право на таа анкета и не сакала да ја споделува. Инсистирав дека ние како родители имаме законско право да знаеме какви прашања им биле поставени на децата. Едвај ни прочита само три прашања, од кои едното беше: „Дали сте сликале сцена со сексуална содржина во соблекувална или во тоалет и дали сте ја објавиле на интернет“ – раскажува Мусуланова-Ристевска.

Таа поднела и барање до директорката на училиштето Гордана Анастасова да му достави на Советот на родители непополнет прашалник на увид и најави дека ќе поднесе претставка до Просветниот инспекторат.

Директорката на училиштето Анастасова потврди за „Слободен печат“ дека таква анкета е спроведена по доставено барање на професорката Јорданова-Пешевска, што ја испитува појавата на „булинг“. Таа исто така потврди дека просветен инспектор го испитува случајот. Професорката Јорданова-Пешевска, пак, не сакаше да одговара на нашите прашања со објаснување дека е на пат надвор од земјава.

Министерката за образование Мила Царовска, неодамна, говорејќи за сексуалното образование во училиштата, рече дека тоа ќе го спроведуваат компетентни и проверени експерти. ОУ „Св. Климент Охридски“ во Битола не е дел од пилот-проектот на сексуалното образование во основните училишта.

– Ако е нешто во формален систем, ако е поминато низ Бирото за развој на образованието, тогаш ги содржи компонентите препорачани од УНЕСКО, од СЗО, од УНИЦЕФ, кои се значајни за развојот на нашето образование и сите тие препораки навистина треба да се спроведат на соодветен начин и од наставници што се обучени за тоа – рече Царовска.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот