Архитекти Вардар, Ројкинд Фото: Слободен печат

Османи и Меџити си најдоа свој Кензо Танге за Чаир, лутите политички ривали ангажираат познати архитекти во битката за градоначалник

Реномираниот архитект од Турција Бајрам Вардар, кој по потекло е од скопско Студеничани, а кој бил во тимот на Реџеп Таип Ердоган, ќе го менува Чаир ако победи Изет Меџити. Бујар Османи, пак, напомош го повика еден од најпознатите светски архитекти, Мишел Ројкинд од Мексико, со намера од Чаир да направи функционална и модерна општина.

Чаир претендира да стане најмодерната и најфункционална општина во Македонија, дури и да ја претрка и метрополата, барем ако се суди по најавите на двајцата лути политички ривали и претенденти за градоначалничката функција на таа општина Изет Меџити од Вреди и Бујар Османи од ДУИ. И двајцата ангажираат светски архитекти со цел да го упристојат Чаир за живеачка откако изминатите 30 години општината е претворена во непожелно место за живеење со најмногу дивоградби, без доволен број паркиралишта, функционална инфраструктура и без зеленило.

Меџити за урбанизација и трансформација на Чаир го ангажира реномираниот архитект од Турција Бајрам Вардар, кој по потекло е од скопско Студеничани, а кој бил во тимот на Реџеп Таип Ердоган кога тој беше градоначалник на Истанбул, како и главен урбанист на градот Бурса.
Османи, пак, на помош го повика еден од најпознатите светски архитекти, Мишел Ројкинд од Мексико, со намера да го трансформира Чаир во функционална и модерна општина.
Според објавите на социјалните мрежи на двајцата противкандидати, архитектите веќе биле во Скопје, го „снимиле“ Чаир со сиот хаос кој владее таму и сега се чека да понудат чаре за општината.

Османи, Ројкинд Фото: Фејсбук Османи

Ангажманот на архитектите е „про боно“

Впечатливо е дека и Османи и Меџити тврдат дека за ангажманот на архитектите не платиле ниту денар, туку дека и Вардар и Ројкинд „про боно“ се ангажирани да помогнат за новиот лик на Чаир. И двајцата противкандидати ангажманот на странските архитекти го споредуваат со ангажманот на архитектот Кензо Танге за обнова на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

– Ангажманот на Ројкинд не е од финансиски карактер. Со него сум ангажиран за поставување на столбовите на новата визија за Чаир и тој е дел од мојата широка мрежа на контакти низ светот која ќе биде ставена во функција на новата урбана визија за Чаир – вели Османи за „Слободен печат“, прашан колку чини ангажманот на архитектот и кој го плаќа.

Османи вели дека ќе следи презентација во која насока ќе се развива Чаир и додава дека по архитектот на постземјотресно Скопје, Кензо Танге, првпат некој ќе има визија за Чаир.

– Чаир ќе се развива во функционална општина, со смарт паркиралишта, повеќе јавен простор, повеќе зелени површини, функционална инфраструктура. Нов бренд за Чаир – вели Османи.

Османи, Ројкинд Фото: Фејсбук Османи

Тој на Фејсбук информира дека со Ројкинд ги прошетале населбите во Чаир.

„Внимателно слушав како ги анализираше патиштата, просторите, луѓето и ја создаваше визијата за Чаир. Во последните недели, заедно со него, работевме на визија за урбаната ренесанса на Чаир. Чаир конечно ќе има долгорочен план за развој и урбанизација. Во новата визија, Чаир ќе се развива како модерна општина, со потребите на граѓаните, слободата на движење и безбедноста на граѓаните во центарот на стратегијата. Мишел веќе ги идентификуваше клучните точки за подобрување на јавните површини, пристапот, естетиката. Чаир повеќе не треба да се гледа како симбол на хаос, дисфункција и неакција. За мене, Чаир е мојот дом и како градоначалник ќе го дадам секој атом енергија за да го издигнам од пепелта“, напиша Османи на Фејсбук.

Тој додава дека целта на соработката со Ројкинд е да се создаде град попристапен за живеење, сеопфатен и насочен кон иднината.

Ројкинд е основач на добро познатото студио „Ројкинд aрхитектос“, кое е избрано од списанието „Форбс“ како една од 10-те најиновативни нови фирми во светот. Тој е познат по иконичките проекти, како што се „Музејот на чоколадо Нестле“ од 2007 година, „Национална кинотека XXI век”, „Ромски пазар“ (Mercado Roma“), како и по спектакуларните фасади на „Ливерпул интерломас“. Во 2010 година Ројкинд ја освоил престижната награда „Нови гласови“ од Архитектонската лига на Њујорк, а меѓународните медиуми, како што е „Њујорк тајмс“, го вклучија во нивната листа на „личности, кои треба да се следат“.
Според Османи, посветеноста на Мишел Ројкинд е гаранција за смела и одржлива трансформација на Чаир.

– Поради докажаната историја во претворањето на амбициозните идеи во реалност, ангажирањето на Ројкинд ќе гарантира дека визијата на Чаир на иднината ќе биде смела, веродостојна и трансформативна – смета Османи.

Меџити, Вардар Фото: Фејсбук Меџити

Мастерпланот на Бајрам Вардар

И Меџити преку Фејсбук обелодени дека познатиот архитект од Турција ќе биде дел од тесниот круг на соработници кој веќе работи на новиот концепт за урбан развој на Чаир. Во видеото од разговорот помеѓу Меџити и Вардар меѓу другото вели:

– Слично на Истанбул или Бурса, предизвиците и тука во Чаир се слични. Ние сме биле и во Барселона, и тој град претрпе реновирање. Ние ќе изработиме мастерплан за Чаир, заедно со граѓаните и дополнително ќе изработиме план за имплементација. Потоа ќе ги развиеме и столбовите на овој мастер план – најавува Меџити.

И Меџити, исто како и Османи, за „Слободен печат“ вели за ангажманот на архитектот Вардар нема да потроши ни денар.

– Ништо нема да нè чини. Доброволно го изработува мастерпланот за Чаир, бидејќи Општината е збратимена со Општината Осман Гази од Бурса. Вардар потекнува од Црн врв, Студеничани. Во изработката на мастерпланот се вклучени домашни и архитекти од Турција. Мастерпланот се изработува по урнек на Истанбул и на Бурса, каде супстандардните населби прераснаа во функционални населби – вели Меџити за „Слободен печат“.

 

Османи и Меџити се тркаат и кој ќе објави повеќе видеа и фотографии со архитектите на социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот