Османи и Груби туркаат чисто етничка агенда

Владата не гледа ништо проблематично во однесувањето на шефот на дипломатијата Бујар Османи и вицепремиерот Артан Груби, кои деновиве интензивно ги повикуваат иселениците со албанско потекло да се самопопишат, наместо да ја повикаат целата дијаспора, за што веќе го добија и епитетот „министри за попис“. Според Владата, секој повик за поддршка на пописот е придонес плус.

Извршната власт не одговори директно и дали е вистина дека министерот Османи во Шпанија лобирал за признавањето на Косово, како што го пофали неговиот колега Груби, кој при посетата на Приштина деновиве рече дека „прашањето со Косово е на приоритетната листа на господинот Османи и на нашата партија, како учесник во македонската влада“.

Според аналитичарите, министрите се должни да ги застапуваат интересите на сите граѓани, а не да се однесуваат како партиски активисти, во служба на етничка кауза.

Влада: Секој да помогне за пописот

Пред два дена од Владата побараа време да проверат дали навистина министерот Османи ја искористил официјалната посета на Шпанија за да лобира оваа земја да го признае Косово.

„За време на посетата на министерот Османи на Шпанија, централна тема на средбите беше европското досие на Република Северна Македонија и поддршката на Мадрид за европските интеграции на земјата, со цел операционализација на одлуката од март минатата година, со која 27 земји-= членки дадоа зелено светло за почеток на преговорите. На агендата на средбите беа и разговори за регионалната стабилност и европската перспектива на сите шест земји од Западен Балкан. Северна Македонија има добри односи со сите соседни држави“, одговорија вчера од Владата на прашањето на „Слободен печат“ што откриле при проверката на агендата на Османи.

Во врска со повиците на Груби и Османи, кои ги повикуваат иселениците со албанско потекло да се самопопишат, од Владата велат дека секој граѓанин треба да учествува во пописот и да придонесе кон неговата популаризација.

„Ги повикуваме сите политички чинители најгласно што можат да испратат порака за поддршка на пописот, како сопствен највисок чин на одговорност и придонес кон оваа исклучително важна државна статистичка операција. Секој граѓанин треба да придонесе, тргнувајќи од интересот за сопствен подобар живот, интересот на државата, својата заедница и семејството. Очекуваме пораката за задолжително учество во пописот да ја испратат и сите домашни политичари, вклучително и опозицијата. Пописот е операција околу која треба сите да се обединиме и да дадеме максимален придонес. Затоа сите претставници на Владата ја користат секој можност да го промовираат пописот, упатувајќи повик за поддршка тој да биде спроведен успешно“ – велат од Владата.

Политикологот Петар Арсовски вели дека е неетички Османи да лобира за Косово без за тоа да знае Владата.

– Османи е министер на сите граѓани и кога патува во странство со парите на македонските даночни обврзници не смее да си дозволи да исполнува партиски агенди. Дали е навистина тоа став и на Владата, која го призна Косово како независна држава – прашува Арсовски.

За пописот тој смета дека треба да се води само државна, а не партиска политика и политичарите од државниот врв треба да ги повикуваат сите граѓани во дијаспората да се самопопишат, без да се нагласува нивната етничка припадност.

– Од друга страна, етничките Македонци наметнуваат теза дека правата на Албанците во Македонија зависат од тоа колкав е нивниот број, односно имаше изјави од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од помалите партии во стилот ајде да видиме дали навистина се 20 отсто. Во такви услови јас ги разбирам дека ним сега им гори да докажат дека се над 20 отсто и покрај тоа што актуелната власт им ги гарантира стекнатите права без разлика на процентите – вели Арсовски за „Слободен печат“. 

Чија е агендата на Османи и на Груби?

Груби од вчера е во работна посета на Тирана, каде што меѓу другото ќе разговара за пописот, а Османи е во Брисел и најави дека додека е таму ќе разговара со здруженијата на иселениците за пописот.

Претходно Груби во Приштина побара помош од косовските политичари да ја повикаат албанската дијаспора на Македонија што живее надвор од нејзините граници да се самопопише.

В.д. претседателката на Косово Вјоса Османи му ветила максимална поддршка, како и Рамуш Харадинај и сите други позначајни политичари. Идниот премиер на Косово Албин Курти, пак,  преку видеопорака ги повика македонските Албанци масовно да се вклучат.

– Бидејќи дури и со сегашниот Устав политичките права на граѓаните во Северна Македонија се диктирани и произлегуваат од бројките, регистрацијата на секој граѓанин е исклучително важна. Ова значи дека во политичката застапеност, капиталните инвестиции, вработувањето, распределбата на буџетот, субвенциите за земјоделците, стипендиите за ученици и студенти, донациите за општините и слично зависат точно од бројот на граѓани на двете државно-формирачки заедници на Северна Македонија. Напишете го вашето име таму и кликнете на опцијата: албански – порача Курти.

Овие случувања ги искоментира партијата Левица, која во соопштение истакна дека албанските функционери координирано работат на остварување на албанските етно-националистички агенди.

Пратеникот од Алијансата на Албанците, Алил Снопче, пак, ги повика Груби и Османи да не се однесуваат како манекени и да не го политизираат пописот.

– Колку помалку се појавуваат, толку повеќе луѓе ќе излезат – рече Снопче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот