„Цар Борис“ ќе си го смени името, а Османи ќе се сретне со македонските Бугари

Бујар Османи, министер за надворешни работи/Фото: МИА

Очекував таа средба да биде со мене, а не во Софија или во Брисел, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со средбата со претставници на македонските Бугари за која пишуваат бугарските медиуми.

– Таа порака ја упатувам постојано. Државјаните на Република Северна Македонија, без разлика на која етничка група припаѓаат, имаат своја влада и свои институции каде може да ги адресираат своите прашања и проблеми. Јас сум постојано отворен за средба со која било група наши државјани од која било етничка припадност. Овие денови имаше влошување на таа комуникација со Република Бугарија и чекам да спласнат емоциите за да може да се продолжи со нормалната агенда. Многу ни е важно пред светот да го задржиме тој имиџ на земја која има постигнато највиско ниво на индивидуални и колективни права на сите граѓани. Толку е инвестирано во таа цел и сите обиди да се се фрли дамка дека државата дискриминира некого по етничка основа тешко не погодува. Ние ќе продолжиме да ги негуваме тие вредности – рече денеска Османи.

Бугарската агенција БГНЕС утрово објави дека министерот Османи побарал средба со претставниците на македонските Бугари. Агенцијата наведува дека барањето за средба е на само една недела откако еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи разговарал со македонските бугарски лидери во Брисел кога „стана јасно дека во РСМ има институционална дискриминација и омраза кон македонските Бугари. Македонските Бугари на Вархељи му посочиле бројни примери за слични акции и детаљно го опишаале нападот врз Христијан Пендиков во Охрид на 19 јануари. БГНЕС пишува дека тие го информирале Вархељи дека во Македонија не наидуваат на разбирање и желба за дијалог од страна на официјалните власти во Скопје.

Медиумот пренесува и дека францускиот амбасадор во Софија предупредил дека Париз „внимателно следи што се случува меѓу Софија и Скопје“.

Ние сме во целосна солидарност со Бугарија во нејзината желба да ги разјасни сите околности околу нападот врз секретарот на клубот во Македонија, Христијан Пендиков, а ги поддржуваме и македонските власти во нивните напори да не се повтори ова рекол амбасадорот на Франција во Бугарија Џоел Мајер.

Средбата со министерот Османи, според БГНЕС, ќе се одржи во најбрз можен рок.

„Слободен печат“ вчера објави дека охридското здружение „Цар Борис“ ќе го смени името и дека веќе ги поднело потребните докумети до Централниот регистар за да се усогаси со измените на Законот за здруженија и фондации, а битолското здружение „Иван Михајлов“ досега не поднело никакво барање до Централниот регистар. Од Централниот регистар велат дека охридското здружение пред три дена покренало постапка за да се усогласи со измените на Законот на здруженијата и фондациите.

– До Централен регистар на ден 10.02.2023 година е доставен допис со наслов Предмет:Барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските бугари ЦАР БОРИС III Охрид со Закон за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации (Службен весник на Република Северна Македонија број 239/2022). На барањето од подносителот е доставено известување за доставување на пријава и прилози согласно Законот за здруженија и фондации – се вели во одговорот на Централниот регистар на прашањето на „Слободен печат“ дали некое од двете бугарски здруженија на граѓани досега поднело барање за измена на називот и статутот.

Не е познато кое ќе биде новото име на охридското здружение.

Рокот во кој двете здруженија требаше да си ги сменат имињата истекува на 16 февруари, а ако не го сторат тоа во рок од 30 дена министерот за правда треба да донесе решение за нивна ликвидација и тие да бидат избришани од Централниот регистар. Решението треба да го донесе новиот министер за правда Кренар Лога од Алијанса за Албанците, кој денеска се очекува да биде изгласан на функцијата во Собранието.

Од Министерството за правда неодамна објаснија дека ако здруженијата не ги сменат називите и статутите министерот за правда ќе донесе одлука за неусогласеност на имињата врз основа на добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на историски личности.

– Организациите кои нема да ги усогласат името или називот, скратеното име, програмата, целите и дејностите согласно законските измени се бришат од Регистарот врз основа на донесена одлука за неусогласеност од страна на министерот за правда по претходно добиено негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња. Одлуката се донесува во рок од четири месеци од денот на влегувањето во сила на законските измени – велат од Министерството за правда.

Скандалозните имиња на двете бугарски здруженија предизвикаа огромен револт кај граѓаните во Македонија и низа реакции, по што Собранието лани со консензус донесе измени на Законот со кој им се забрани за здруженијата, фондациите и политичките партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх итн, со рок од три месеци за да се усогласат со измените.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот