Оскари 2022: Разнобојна филмска естетика меѓу кандидатите за најдобар меѓународен филм

„Лунана: Јак во училницата“ е прв филм на режисерот Паво Чојнинг Дорџи

Списокот на кандидати за Оскар во категоријата за најдобар меѓународен филм, што од дури 93 беше скратена на 15 филма, е финализирана на конечните пет номинирани филмови. Петте кандидати за Оскар во оваа категорија се со различна тематска, естетска и продукциска основа.

Меѓу петте номинирани на списокот на кандидати за Оскар во категоријата за најдобар меѓународен филм е бутанскиот филм „Лунана: Јак во училницата“, што воедно е и прв филм на режисерот Паво Чојнинг Дорџи. Приказната е за наставник во далечна рурална средина во хималајските глечери, во училница без услови, чиј единствен пријател е тибетско говедо – јак. Филмот е вториот кандидат за Оскар на Бутан досега. Сниман е само со една камера. Пријавен е вторпат оваа година откако лани беше дисквалификуван поради технички прашања. Дорџи изразил огромно задоволство за номинацијата, бидејќи ја доживува како развеселување за државата, што во моментов е под строги ковид-рестрикции.

Во јапонскиот филм „Вози го мојот автомобил“ на режисерот Рјусуке Хамагучи се работи за Јусуке Кафуку, актер и режисер, кој е среќно оженет за сценаристката Ото. Откако сопругата ненадејно починува, зад себе остава многу мистерии со кои Кафуку ќе мора да се соочи. Филмот е номиниран и во други категории, меѓу кои и онаа за најдобра режија.

Данскиот „Болва“ на режисерот Јонас Поер Размусен е анимиран документарен филм

Во трката за најдобар меѓународен филм е и данскиот „Болва“ на режисерот Јонас Поер Размусен. Анимираниот документарен филм уште веднаш доби огромни пофалби за својата тематика за слободата на говорот и претставувањето на ЛГБТ-заедницата, а освен за категоријата од неанглиско говорно подрачје, номиниран е и во категориите за најдобар анимиран и за најдобар документарен филм. Во филмот, данскиот жител Амин, кој е геј, се отвора на режисерот за своето тешко минато како дете-бегалец од Авганистан.

Номиниран е и норвешкиот филм „Најлошата личност на светот“ на режисерот Јоаким Трир, кој самиот го опишува сценариото како романтична комедија со меланхолични елементи. Филмот ја раскажува приказната за млада неодлучна девојка, нејзините маки во љубовниот живот и тешкотијата да одбере кариера.

Меѓу кандидатите е и филмот „Раката на Господ“ на режисерот Паоло Сорентино

Меѓу кандидатите е и филмот „Раката на Господ“ на режисерот Паоло Сорентино. Сместен е во 1980-тите години во Неапол, Италија, каде што фудбалската легенда Диего Марадона го спасува младиот Фабието од несреќа. Приказната го следи животот на Фабието, кој освен неочекувани радости има и неочекувани трагедии.

Меѓу филмовите што отпаднаа од списокот се наоѓаат австрискиот филм „Големата слобода“, белгискиот „Игралиште“, „Оддел бр. 6“ од Финска, германскиот „Твој сум“, „Јагне“ на Исланд, иранскиот филм „Херој“, мексиканскиот „Молитви за украдениот“, „Катедрала Плаза“ на Панама, шпанскиот филм „Добриот газда“ и косовскиот филм „Улиште“.

Екипата на „Филмски печат“ имаше можност да го гледа филмот „Улиште“ во Кинотеката на Македонија. Овој дебитантски филм, снимен по вистинска приказна, на режисерката Блерта Башоли го следи животот на Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово. Во строга патријархална средина, оваа муслиманка без сопруг се соочува со огромни тешкотии да биде третирана достоинствено. Трогателниот филм е добитник на три награди на 38. Филмски фестивал „Санденс“ во САД годинава, како и на уште 14 други награди, а филмофилите во регионот се надеваа дека ќе стигне и до номинација за Оскар. Инаку, 94-тата церемонија за доделување на наградата Оскар ќе биде на 27 март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот