Осигурителните компании ќе враќаат пари од преплатените полиси

Вкупно осум индивидуални тужби од граѓани што платија повисока цена за полисите за автоодговорност, досега се поднесени преку правната служба на Организацијата на потрошувачи. Од нив една е завршена со спогодба, три постапки се добиени во прв степен, уште три постапки се во тек, а една тужба е повлечена од потрошувачот, прецизираат од ОПМ

Вкупно осум индивидуални тужби од граѓани кои платија повисока цена за полисите за автоодговорност, досега се поднесени преку правната служба на Организацијата на потрошувачи. Од нив една е завршена со спогодба, три постапки се добиени во прв степен, уште три постапки се во тек, а една тужба е повлечена од потрошувачот, прецизираат од ОПМ за „Слободен печат“. Од ОПМ, велат дека на осигурителните компании уште пролетоска им понудиле спогодба, но тие не сакале да враќаат пари на граѓаните.

Претседателката Маријана Лончар Велкова е задоволна од исходот на истрагата на Комисијата за заштита на конкуренцијата и вели дека осигурителните компании биле фатени „инфлагранти“ како договараат идентично поскапување од 15,4 отсто лани во март, со што ги ставиле граѓаните во неповолна ситуација да немаат друг избор освен да платат поскапо автомобилско осигурување. ОПМ прва го сврти вниманието кон ваквото неодговорно однесување и ги повика граѓаните да побараат обесштетување на нивната платформа. Лончар Велкова открива дека 29 граѓани се пријавиле да добијат правда, а нивниот број ќе бил драстично поголем ако ја имале можноста за колективна тужба, но за жал измените на Законот за парнична постапка се уште не се донесени.

– Задоволни сме од работата на КЗК, но и од постапувањето на судовите, оти наша интенција беше да докажеме дека граѓаните може да добијат обесштетување – додава претседателката на ОПМ. И од Комисијата за заштита на конкуренцијата, ги советуваа граѓаните со нивното решение преку суд да си ги бараат парите.

Како што соопшти Комисијата, десет познати компании се договориле да ја зголемат цената за автоодговорноста, со што го изиграле законот, ја загрозиле конкуренцијата на пазарот на осигурување и извршиле најтешка форма на повреда на Законот за конкуренција. Од КЗК им испорачаа посебни глоби на сите осигурителни компании во износ од над 280.000 евра (над 17 милиони денари).

Со незаконското поскапување на полисите за автоодговорност, граѓаните дополнително платија од 840 до 1.600 денари, бидејќи се соочија со поскапување од 15,4 отсто за осигурувањето на возилата. Осигурителните компании тогаш рекоа дека процесот бил сложен, затоа што полисите ги продавале преку агенти, па затоа немале да им враќаат пари на граѓаните. Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето, пресметаа дека во просек неделно се регистрираат околу 10 илјади автомобили, од што е лесно да се калкулира дека ист број граѓани ја преплатија полисата.

Да потсетиме дека со решение од Министерството за економија и труд, Организацијата на потрошувачите на Македонија е овластено тело за заштита на колективните интереси и правата на потрошувачите, што произлегува од Законот за заштита на потрошувачите.

– Ова е можност ОПМ да ги штити правата на сите потрошувачи, кога тие им се повредени од трговците, односно од давателите на услуги, вклучувајќи и давателите на финансиските услуги – објаснуваат од ОПМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот