Оригинален вевчански рецепт: Золеникот на Бранко
Е па, не напразно вевчанци рекле: Доволно е да имате лудо срце и желудник за јадење и пиење за да останете малку тука, во Вевчани. Откако си ги проверивме капацетите на желудникот, хм… прилично бил широк, и откако си го скротивме срцето, си заминавме на зајдисонце од Вевчани. И им посакавме на добрите вевчанци довека сонце да ги грее, а тие ни открија оригинален рецепт за подготовка на традиционалниот золеник.
Препорачано

Потребни состојки: 1 кг. пченкарно брашно, 3 лажици бело пченично брашно, 2 страка праз, 2 јајца, малку масло, малку сол и 1 пакетче пециво.
Постапка:
Во подлабок сад со пченкарно брашно се ставаат 3 лажици бело пченично брашно и добро се промешува. Потоа се подготвува филот од 2 страка праз и 2 јајца. Во тава со масло се пропржува сечкан праз, се додаваат две јајца и се зачинува со сол по вкус. Додека се пропржува празот со јајцата, во плехот се налева масло. Со рака се „золе“ од смесата со пченкарно и пченично брашно. Одозгора брашното се натопува со вода со сол и пециво. Потоа пак се „золе“ со брашно и се натопува со солената вода. Се попрскува со масло и повторно се „золе“ брашно. Потоа се става од филот со праз и јајца и повторно се „золе“ брашно. Се налева солена вода, се попрскува со масло и се додава преостанатиот фил. Филот се покрива со брашно, се попрскува со масло и се остава да отстои околу 15 минути. Се пече во загреана рерна околу 30 минути на 250 степени.



