Фото: Pixabay

Организирале покер на диво низ Скопје, ама полицијата влетала со „џандар збира“

По неколкумесечна предистражна постапка, синоќа и во текот на ноќта беше реализирана обемна полициско-обвинителска акција насочена кон сузбивање на незаконско организирање игри на среќа и перење пари. Акцијата се спроведе под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, а во неа учествуваа полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Единицата за финансиски истраги.

Во рамки на акцијата беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје и неговата околина. Притоа, биле пронајдени поголеми количини реквизити за игри на среќа, меѓу кои карти, чипови, професионални покер-маси и друга опрема, како и значителен износ парични средства во денари и евра. Запленети се и возила за кои постојат докази дека биле набавени во критичниот период, како и наркотична дрога. На една од локациите, полициските службеници затекнале 14 лица кои во моментот учествувале во игри на среќа.

Постапувајќи по поднесените кривични пријави, јавниот обвинител донел наредби за спроведување две истражни постапки, со кои се опфатени вкупно осум лица.

„Со првата истражна постапка се опфатени шест лица за кои постои основано сомнение дека, заедно со други непознати лица, формирале група која континуирано и координирано организирала недозволено приредување игри на среќа, без да поседува лиценца или одобрение од надлежен орган, спротивно на Законот за игрите на среќа и забавните игри. Според наодите, од февруари годинава до вчера, групата организирала игри на среќа на три различни локации во Скопје, со цел стекнување несразмерна имотна корист. Осомничените обезбедувале играчи и договарале термини за игра на ‘омаха’, ‘покер’, ‘круг’ и ‘брич’. Игрите се одвивале во однапред утврдени денови, со точно определен број учесници, договорени правила и влогови. Групата располагала со каса за уплата и исплата на играчите и за покривање на трошоци за клубот, ангажирала лица за средување на масите, како и лица-играчи кои за надомест ги делеле картите. Со ваквите дејствија, според обвинителството, осомничените сториле две кривични дела – „Злосторничко здружување“ по член 394 став 1 од Кривичниот законик и ‘Приредување игри на среќа без лиценца или дозвола’ по член 156 став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри, при што се стекнале со значителна имотна корист. Втората истражна постапка опфаќа едно лице од првата постапка, како и уште две други лица. Тие се сомничат дека се стекнале со противправна имотна корист од 7.583.784 денари, која ја пуштиле во оптек преку примање и преземање парични средства прибавени со кривично дело ‘Лихварство’ по член 260 став 2 од Кривичниот законик. Според сомнежите, средствата биле внесувани во готово на лични сметки, примани од сметки на трети лица и користени за купување недвижен имот, за подмирување обврски по кредити за недвижности, како и за финансирање луксузен начин на живот“, наведено е во соопштението.

Според описот на дејствијата во наредбата, двајца осомничени како соизвршители сториле продолжено предикативно кривично дело „Лихварство“ и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“, за кое како осомничена е опфатена и сопругата на првоосомничениот.

Имајќи предвид дека, според обвинителството, се исполнети законските услови, јавниот обвинител ќе предложи до судијата на претходна постапка определување мерка ефективен притвор за седуммина осомничени, како и мерка куќен притвор за една осомничена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот