Опуштени и отпуштени

Кога се вратија од блиц сончањето изгорени како ракчиња по цел ден на сонце, по онаа познатата поговорка „Кој шета на пладневното сонце? Лудите кучиња и Англичаните!“ , ги чекаше студен туш. Многумина од опуштените, сега беа отпуштени.

Не знам што има ново кај вас. Со што сте се подновиле, што сте поткупиле, во која фаза сте,  што сте успеале да организирате без поголеми ментални, здравствени и финансиски последици. Со акцент на менталните. Ако е фино, по протокол и според закон, браво, честито и секоја чест. Ако не, жал ми е, срам да ви е, платете казна и да не ви се повтори. Ние ете, кај нас, како што ни соопшти и официјално нашиот канцелар Риши Сунак, имаме, меѓу другото и фала на прашање – рецесија! И без да ни соопштеше дарлинг Риши, политичката конкуренцијата на премиерот Борис Џонсон, некако, потајно, потсвесно како да  знаевме. Не дека сите преку ноќ станавме економски експерти, туку, таа, рецесијата, ни беше некако, како „јамб во најава“, само чекавме кога ќе не погоди, и ете ја, и тоа со пет „шестки“.

Лудите кучиња и Англичаните

Со месеци и недели работеа само продавниците за храна (и аптеките), а од неодамна и продавниците и рестораните и салоните за мебел и оние за градинарство и почнаа луѓето да продолжуваат да работат од дома или да се враќаат на работа и… почна о(т)пуштањето. Опуштање и Отпуштање. Само една буква ги дели. Не само она духовното, по месеците изолација и седење дома и кога дојде топлиот бран па навалија луѓето по плажи и полјанки, прво до блиските  кога не работеа рестораните, па потоа и до подалечните, кога можеа да си дадат оддушка, и духовна и физичка, зашто работеа и рестораните и тоалетите. Ама кога се вратија од блиц сончањето изгорени како ракчиња по цел ден на сонце, по онаа познатата поговорка „Кој шета на пладневното сонце? Лудите кучиња и Англичаните!“ , ги чекаше студен туш. Многумина од опуштените, сега беа отпуштени.

Десетици. Па стотици, па илјадници луѓе почнаа да ги губат своите работни места. Некои компании решија да ја искористат пандемијата за да го променат начинот на работа и да го префрлат работењето онлајн, што ќе рече – на интернет. Зашто видоа дека тоа почна успешно да функционира во изминатите неколку месеци. Што не беше баш најдобро за голем дел вработени кои беа прогласени за „технолошки вишок“. Во Сити, деловниот центар на Лондон, деловните канцеларии зјаат празни. Покрај нив, празни се, односно затворени се и сите околни дуќани, од сендвичарници, кафетерии, сервиси за хемиско чистење, за поправки на чевли, за клучеви, ресторани, хотели, спортски сали, цвеќари, фризери и бербери, продавници за (бизнис) облека, за подароци…стотици бизниси и илјадници луѓе кои зависеа од функционирањето на банките и бизнисите во лондонскиот Сити.

А ако директорот на хеџ фондот Мармадјук Смајли сега седи дома, во својот прекрасен котиџ во Коцволдс со тениски терен, со базен и со пристап до брз интернет и до голф терен на дваесет минути, зошто добога би одел до Сити да држи состаноци? Нека му мислат Џон, Пол, Мик и Смити од Њукасл и околината, кои дојдоа во Лондон и едно време живееја како „бубрег во лој“, ама сега бубрегот со ситни камчиња некако,  а секој кој ги имал, знае колку е болно кога доаѓа време да се вадат. Камчињата. И убавите навики за  скромен живот со малку пари. Ако не знае, нека праша.

Нервозни очајни домаќин(к)и

Излегуваат луѓето од продавниците, најчесто за основни производи и за храна, од самопослугите од оние деликатесните и сите, буквално сите се со носовите пикнати во сметките. Откако прво ќе ги потспуштат маските, за да го смират дишењето, некои да ја намалат тахикардијата, а трети да најдат некоја хартиена ќеса и да дишат во неа за да го смират нападот на паника. Разни продавници, од Хоумбејз и од оние најевтините, како Лидл и Асда, преку Теско и Сејнсберис до Маркс и Спенсер и Вејтроуз, сите без исклучок станаа места пред кои луѓето како задолжителна литература си ги читаат сметките. Некои тоа го прават уште кај касите, за да се вратат веднаш ако најдат грешка, па да се расправаат. Некои на излезот, некои кога ќе влезат во возилата па таму, дискретно.

Една дама, обидувајќи се дискретно да ја прегледа сметката од деликатесната продавница „Бејли и Сејџ“ со очилата на врвот на носот, ќе ја сплескаше рејнџ ровер со нервозна очајна домаќинка, која мислеше дека „во од“ ќе вози, ќе пресметува и ќе внимава. Ама потребно е да се знае дека короната негативно влијае врз „мултитаскингот“, дури и кај жените.

И ете го Риши. Земјата ни е во рецесија, вели тој. Економијата се намали за 20,4 помеѓу април и јуни споредено со првите три месеци од годината. Два последователни периоди пад предизвикани од изолацијата од ковид-19. Најголем пад откако се бележи, а Британците се рекордери во бележење, зашто ова е прв пат земјата да е во рецесија од 2009 година, вели статистиката. Зборувајќи за Би-Би-Си, Риши Сунак изјави дека ова е „многу тешко и неизвесно време“, а на прашањето што со опасноста од масовна невработеност (сега велат околу 4 милиони, а ќе сме стигнеле и до шест), рече дека владата не треба да се преправа оти „нема секој да може да се врати назад и да го работи она што го работел претходно“. Претстојат тешки времиња. Наздравје. (Ова последното го велам јас, не Риши).

И после нема да ги гледаме сметките. Ќе ги гледаме. Ќе ги студираме. И за едно пени ќе се враќаме назад да си го бараме и да се расправаме. Тука и онака одамна не даваат мастика за џвакање и луто пиперче наместо кусур. Само треба да сме внимателни. Носење маски, миење раце, дезинфекција и внимателно преминување улица. Зашто, очајни домаќини и домаќинки – на секој чекор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот