Општините повеќе планираат, а помалку инвестираат во штедење енергија
Теарце има три фотоволтаични централи на јавни објекти, исто колку и Крива Паланка, а Струмица само една. За разлика од нив Куманово, Свети Николе, Велес и Маврово и Ростуше, немаат ниедна инвестиција во користење на соларната енергија на општинските згради, објави Мета.мк.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Овие податоци се дел од анализата која ја направи НВО Инфоцентарот, во соработка со локални граѓански организации од седум општини во земјава, Куманово, Струмица, Крива Паланка, Свети Николе, Велес, Теарце и Маврово-Ростуша, за примената на пакетот препораки, мерки и задолженија за заштеда на електрична енергија до 15 отсто во текот на зимата, што во август го усвои Владата и кој е наменет за домаќинствата, бизнис заедницата, јавните институции, како и за општините и Градот Скопје.
Истражувањето покажува дека општините ги сфатиле сериозно препораките на Владата за штедење, а дел од нив и преземале конкретни чекори за намалување на потрошувачката на енергија. Сепак, податоците покажуваат и дека повеќето од мерките се уште им се на хартија и во фаза на планирање.
Според анализата, повеќето од општините веќе инсталирале или се во процес на промена на јавното осветлување со ЛЕД штедливи светилки, а некои користат и смарт системи за ефикасна контрола. Повеќето од локалните самоуправи инвестирале и во енергетски ефикасни фасади и прозорци на јавните објекти, но ретко која има фотоволтаични системи.
„Целта на мониторингот беше да утврдиме дали и какви чекори преземаат општините за примена на препораките на Владата, дали активно работат на постигнување енергетска ефикасност и економски заштеди, како и дали спроведуваат кампањи и други активности за информирање на граѓаните за потребата и начините на штедење електрична енергија“, информираат од НВО Инфоцентарот.


