Општината се занимава со изнајмување опрема и бина, а карпошани сѐ уште ги чекаат ветените проекти
Додека Општината технички се подготвува за настаните што ќе се случуваат по неколку месеци, повозрасните жени во Карпош со месеци чекаат градоначалникот Лукровски да го исполни она што го најавуваше во изборните денови – дека секој месец 10 жени ќе добиваат бесплатни прегледи за остеопороза, но тоа повеќе не се спомена откако градоначалникот ја презеде функцијата.
Повеќе од 400.000 денари планира да потроши Општина Карпош за изнајмување техничка опрема и техничка поддршка за озвучување на настани, за изнајмување бина, осветлување и подвижна алуминиумска рампа за потребите на настани кои ќе ги организира годинава.
Препорачано
На јавен оглас локалната власт ги повика фирмите кои се занимаваат со оваа дејност да дадат понуди до крајот на месецов, а потоа со онаа кои че понуди најниска цена, но и потребен квалитет ќе се склучи договорот кој ќе трае една година.
Па така на Општината и се потребни на пример 10 звучници, 5 професионални системи за озвучување за публика од 500 до 7000 посетители, 5 аудио-миксети, две дигитални миксети со 24 канали, две бини со покрив и две без покрив, едните со димензии 6 на 4 метри, а другите две со симензии 8 на 5 метри, како и алуминиумски конструкции за двете бини.
Во повикот е прецизирана и потребната опрема за осветлување и визуелни ефекти, а ќе се изнајмува и лед екран за видеопрезентација.
Заинтересираните треба да понудат цени за изнајмување на секое парче од потребната опрема за еден ден, а во цената да биде опфатена комплетна инсталација, транспорт, монтажа, демонтажа и ракување со опремата од страна на технички лица. Притоа, понуденета опрема треба да биде во исправна состојба и да ги задоволува минималните технички карактеристики наведени во описот.
Во услови кога карпошани имаат безброј забелешки за хигиената и инфраструктурата во општината, ваквиот јавен повик е безмалку необичен, тргнувајќи од фактот дека голем дел од проектите кои актуелниот градоначалник Сотир Лукровски ги најавуваше во изборната кампања, во изминативе четири месеци не само што не се започнати, туку не се ни спомнуваат.
Антикорупциска ќе проверува дали „Систина“ му е донатор на Лукровски
На прашањето каков настан планира Општината поради што е потребно изнајмување на бини и озвучување и кога ќе се одржи, оттаму велат дека ова е потребно за сите планирани настани годинава.
Во однос на набавката за изнајмување на техничка опрема и техничка поддршка за озвучување на настани, изнајмување бина, осветлување и подвижна алуминиумска рампа за потребите на општината, станува збор за договор од година дена и средствата од истиот сукцесивно ќе се користат по потреба, односно за поддршка на сите настани што ги организира Општина Карпош (спортски настани од училишни лиги, културни настани, трибини, Карпошево културно лето, Ден на општина и други) – објаснуваат од Карпош.
И додека Општината се занимава со техничка подготовка за настаните што ќе се случуваат по неколку месеци, повозрасните жени во Карпош со месеци чекаат Лукровски да го исполни она што го најавуваше во изборните денови како соработка со една приватна болница лоцирана на територијата на оваа општина. Тој вети дека секој месец 10 жени ќе добиваат бесплатни прегледи за остеопороза, но тоа повеќе не се спомена откако градоначалникот ја презеде функцијата.
Ќе ги дочекаат ли карпошанки ветените бесплатни прегледи за остеопороза?
Од Карпош на нашето прашање кога ќе започне овој проект, како ќе се пријавуваат жените и како ќе се врши изборот, стигна одговор во кој всушност ништо не се одговара.
– Ве известувам дека во тек е потпишување на договори кои се однесуваат на бесплатни прегледи за жителите од општината кои се во рамки на програмите и за истото навремено ќе биде известена јавноста и медиумите. Паралелно со ова, во тек е изготвување на план заедно со неколку општествено-одговорни компании со кои ќе реализираме активности кои ќе имаат директен бенефит за нашите жители – велат од Општината.
Конкретно, прегледите за остеопороза не се споменуваат.


