Општина Карпош не сака ни да го спомне „Скопје на вода“, тврди дека нема да се градат проекти налик на други држави
Ниту сме планирале ваков тип на урбанизација ниту планираме. Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги е опасна игра со јавноста која остро ја осудуваме, реагираат од Општината пет дена откако „Слободен печат“ објави неофицијални информации дека се планира изградба на „Скопје на вода“ и откако оттаму веќе одговорија оти не подготвуваат таков план.
„Груба лага и манипулација се тврдењата за некакви проекти налик на искуства од други држави во регионот. Ниту сме планирале ваков тип на урбанизација, ниту планираме. Свесното извртување на факти и пласирањето на ноторни лаги е опасна игра со јавноста која остро ја осудуваме“ – ова е демантот од Општина Карпош на информациите кои „Слободен печат“ ги објави пред една недела, потпирајќи се на неофицијални извори блиски до власта дека се планира изградба на две населби покрај Вардар- „Скопје на вода“ и „Скопје на дланка“.
Препорачано
Откако јавноста бурно реагираше на социјалните мрежи, а од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ се заканија дека „ќе го дигнат Карпош на нозе“ доколку советниците гласаат за ваков проект, стигна демантот од Општината, во кој меѓу другото велат дека во име на транспарентноста и отворената комуникација која Општина Карпош ја има со граѓаните „по низата шпекулации и лажни вести кои се проширија“ должни биле пред јавноста да укажат дека работат да го средат урбанистичкиот хаос кој го наследиле.
Работиме на средување на урбанистичкиот хаос кој го наследивме во Општина Карпош. Сите започнати постапки од претходното раководство, преку надлежната комисија за урбанизам се дадени на ревидирање и повторно разгледување. Сето ова е преземено со цел да се заштити интересот на граѓаните, развојот на зелениот простор во општината, хуманото уредување на просторот во рамки на законската регулатива. Карпош ќе се развива според потребите на карпошани и во директна консултација со карпошани. Новото раководство на општината ќе работи само и исклучиво во интерес на граѓаните на Општина Карпош. За сите информации кои произлегуваат од постапката за донесување на детален урбанистички план во иднина, преку анкети и сооштенија, навремено и транспарентно ќе бидат информирани граѓаните и пошироката јавност, велат во своето соопштение.
Колку за потсетување, „Слободен печат“ веднаш штом ги доби неофицијалните информации за „Скопје на вода“, побара одговор од Општина Карпош, меѓу другото и за тоа дали се изработуваат нови ДУП-ови на просторот помеѓу „Илинденска“ и реката Вардар, на потегот од „Александар палас“ кон изворите на Лепенец и дали ќе дозволи Општината да се изградат речиси 50 згради во рамките на проектот на овој простор.
Во врска со прашањата за ДУП-от за потегот спроти „Ми-да“, ве известуваме дека досега, новото раководство нема преземено никакви активности и чекори во насока на изработка на урбанистички план за тој реон. Според тоа не би можеле да ви дадеме одговор на прашањата кои се конкретно поврзани со тоа – беше одговорот од Карпош,
Се подготвува ли изградба на „Скопје на вода“ и „Скопје на дланка“?
Оттаму додадоа дека сите започнати постапки од претходното раководство, преку надлежната комисија за урбанизам се дадени на ревидирање и повторно разгледување и дека работат во интерес на граѓаните. Но ниту тогаш, ниту во денешниот демант проектот не го нарекоа со име „Скопје на вода“.
Да потсетиме, во врска со можната изградба на „Скопје на вода“, архитектот и урбанист, професорот Мирослав Грчев, објасни дека според Генералниот урбанистички план на Скопје и според регулациските планови на Градот во должина на булеварот „Илинден“, на потегот од крстосницата со булеварот „Осми септември“ што почнува дијагонално од „Ми-да“ има предвидено линиски центар и станбени објекти некаде во длабочина од 100 метри од „Илинденска“, а останатиот дел до реката треба да е парк-шума. Како што објасни тој, ова е предвидено на овој простор, не само во важечкиот ДУП, туку од 1985 годинха, а и претходната влада се обидувала да најде странски инвеститор за да се заживее овој засега неурбанизиран простор.


