Се подготвува ли изградба на „Скопје на вода“ и „Скопје на дланка“?

Како што дознава „Слободен печат“ на просторот спроти „Мида“ и на потегот од „Александар палас“, накај изворите на Лепенец ќе се градат двете населби, а инвеститори ќе бидат фирми од Србија и од Македонија, како и компанијата „Игл хилс“ од Обединетите Арапски Емирати, која го градеше „Белград на вода“. Но ГУП-от не дозволува згради покрај Вардар, само покрај Илинденска.

Дали во градов ќе се гради „Скопје на вода“ по примерот на Белград? Неофицијалните информации велат да, од Општина Карпош која би требало да донесе детален урбанистички план за овој простор и да издава дозволи за градба, не потврдуваат вакво нешто, а урбанистите велат дека нема ништо спорно доколку се гради покрај булеварот Илинден, а не покрај Вардар.

Како што дознава „Слободен печат“ од извори блиски до власта, на просторот спроти „Мида“ градежни фирми веќе купиле плацови каде што треба да никнат пет згради. Од „Александар палас“, пак, накај изворите на Лепенец биле планирани уште 42 згради. Неофицијалните информации говорат дека, всушност, ќе се градат две населби „Скопје на вода“ и „Скопје на дланка“, а дека инвеститори ќе бидат фирми од Србија и од Македонија, како и компанијата „Игл хилс“ од Обединетите Арапски Емирати, која го градеше „Белград на вода“.

Општина Карпош тврди дека не се изработува нов ДУП

Притоа, според информациите, веќе бил подготвен ДУП-от на Општина Карпош за овој простор и договорено мнозинство советници во Советот што треба да го изгласаат.
Од кабинетот на градоначалникот Сотир Лукровски тврдат дека досега новото раководство нема преземено никакви активности и чекори во насока на изработка на урбанистички план за тој реон, па според тоа, како што велат, не можат ни да дадат одговор на прашањата што се конкретно поврзани за ваков проект.

 Од друга страна, за ваша информација, сите започнати постапки од претходното раководство, преку надлежната комисија за урбанизам се дадени на ревидирање и повторно разгледување. Сето ова е преземено со цел да се заштити интересот на граѓаните, развојот на зелениот простор во општината, хуманото уредување на просторот во рамки на законската регулатива. За сите информации што произлегуваат од постапката за донесување детален урбанистички план во иднина, преку анкети и соопштенија, навремено и транспарентно ќе бидат информирани граѓаните и пошироката јавност – велат од кабинетот на Лукровски.

Според јавно достапните информации од Агенцијата за катастар на просторот спроти „Мида“ и покрај булеварот „Илинден“ може да се види дека голем број плацови се во сопственост на компании што се занимаваат со изградба на деловни и станбени објекти, какви што се „Инвестмент интернационал“, „Голден арт“, „Еуропрофил“, „ЗСФ-ком“ и други, но сепак најголемите површини се во државна сопственост.

Покрај булеварот, на потегот по бензинската на „Макпетрол“ има повеќе објекти од кои повеќето се дивоградби, каде што егзистираат различни сервиси, мотоклуб, пералници и други мали бизниси, на кои, како што дознаваме, им било соопштено дека треба да се иселат во рок од еден месец.

Мицкоски лани се сретна со инвеститорот на „Белград на вода“

Притоа, колку за потсетување, минатата година во април, премиерот Христијан Мицкоски престојуваше во Дубаи каде, како што информираше, се сретнал со Мохамед Алабар, основач и управен директор на компанијата „Игл хилс“, со директорот на Абу Даби развојна холдинг компанија, Мохамед Хасан Ал-Суваиди, како и со Мохамед Јамеел Ал Рамахи, извршен директор на „Масдар енерџи инвестмент компани“, една од најголемите светски инвеститори во обновлива енергија и двигатели на енергетската транзиција.

Мицкоски презадоволен од посетата на Емиратите: „Jа враќаме Македонија на мапата на светските инвеститори“

Со сите овие компании разговарав за проекти, можности и планови за инвестирање во Македонија, која како држава доцни во лобирањето да се најдеме на инвестициската мапа на овие светски економски гиганти. Даваме сѐ за да обезбедиме иднина и просперитет за нашите граѓани. Ги претставив можностите за инвестирање во Македонија и нашите напори да се најдеме на мапата на светските инвеститори – информираше тогаш премиерот.

Според ГУП, може да се гради во длабочина од 100 метри покрај Илинденска

Во врска со можната изградба на „Скопје на вода“, архитектот и урбанист, професорот Мирослав Грчев објаснува дека според Генералниот урбанистички план на Скопје и според регулациските планови на Градот во должина на булеварот „Илинден“, на потегот од крстосницата со булеварот „Осми септември“ што почнува дијагонално од „Мида“ има предвидено линиски центар и станбени објекти некаде во длабочина од 100 метри од Илинденска, а останатиот дел до реката треба да е парк-шума.

Според него, тоа не само што е предвидено во ГУП-от уште пред 15 години, туку постои од 1985 година, затоа што просторот од таа страна на булеварот е запуштен и неурбанизиран, а заинтересирана за изградба на овој простор била и претходната влада.

 Додека беше владата на Зоран Заев, јас бев советник на премиерот за урбанизам, инвестиции, урбанистички планови и така натаму и премиерот ме беше задолжил едно време, таму некаде 2017-2018 да помогнам да се направи разработка и контакт со странски инвеститори за тој потег да се изгради и заедно со тој потег каде е предвидено станување во блокови и кули, како што е и од другата страна на Илинден, потоа да продолжи парк-шума со рекреативни функции до Вардар – вели Грчев.

Грчев: Владата на Заев беше заинтересирана да донесе голем инвеститор

Тој додава дека тоа е она што тој го знае за тој простор, во што и тој учествувал, но како што вели, за тој простор сѐ уште нема донесено Детален урбанистички план, кој е спроведлив и врз основа на кој се издаваат одобренија за градба.

Ова што ви го кажувам тоа е сигурно, во две нивоа на планирање тоа е уредено и станбени блокови и кули. Таму се чека само ДУП да донесе Општина Карпош кој се одолговлекува уште кога јас бев ангажиран. Тој е укинат и таму нема ДУП, што значи дека постои правна празнина. Владата беше заинтересирана да донесе голем инвеститор затоа што сето тоа заедно сигурно ќе повлече некаде пола милијарда евра ако се земат предвид и функциите покрај Вардар, парк-шума, рекреативни содржини, што е добро и за градот и за земјата особено ако се земе предвид дека сето тоа е одамна испланирано и законито – посочува професорот.

Како и дали ќе се спроведе проектот за кој неофицијално во јавноста се зборуваше уште за време на локалните избори, времето ќе покаже. Колку евентуалната изградба на уште 50-ина згради на овој потег ќе влијае врз животот на градот од еколошки аспект, но и во однос на инфраструктурата, може само да се претпостави.

Но, важно е барем дека ГУП-от како највисок план за Скопје мора да се почитува, а тој не дозволува зградите да се доближат до Вардар. Но, да не се заборави дека во изработка е новиот Генерален урбанистички план за главниот град, во кој засега не се знае што ќе се предвиди на овој простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот