Општина Чаир го прогласи Весли Кларк за почесен граѓанин, за „извонреден придонес за мир на Балканот“
Општина Чаир го прогласи пензионираниот американски генерал Весли Кларк за почесен граѓанин, објаснувајќи дека тоа се прави „како признание за неговиот извонреден придонес во зајакнувањето на мирот и стабилноста на Балканот“, објави „Алсат“.
Препорачано
Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, пред да му додели признание, рече дека придонесот на генералот Кларк е „колосален за стабилноста на регионот“.
Кларк беше врховен командант на НАТО во Европа за време на интервенцијата на Алијансата во Косово и бомбардирањето на тогашна СР Југославија и командуваше со операцијата „Сојузничка сила“.
„Вашата непоколеблива заложба за заштита на човековиот интегритет и достоинство испрати јасна порака до целиот свет, дека мирот не е само прашање на стратешки интереси, туку морална посветеност за заштита на животот и основните права на секој поединец“, рече Ганиу на денешната свеченост.
„Тоа беше момент пред 25 години и се сеќавам дека имаше загриженост, конфузија, напнатост. Имаше гласини за конфликт. Имаше проблеми во планините овде меѓу Косово и Македонија и некако по сето ова, се појави мирот и демократијата. Денес е привилегија да се биде овде во Скопје и да се види мир, просперитет и да се чувствува ентузијазам, надеж и доверба за иднината“, рече Весли Кларк.


