Општина Аеродром: Не се предвидуваат стотина згради во Лисиче, туку куќи, и се забрзува нивната легализација

Фото: „Да го зачуваме Лисиче“

Објавите, вестите и прес конференциите за процесот на донесување на Детален урбанистички план во Општина Аеродром се целосна лага и измислица, кои немаат допир со реалноста и одамна го надминаа прагот на коректност и пристојност, велат од Општина Аеродром, демантирајќи ги вестите кои во јавноста се пласираат дека на овој простор ќе се градат голем број згради. Оттаму велат дека ДУП за населба Лисиче е изработен пред неколку години, пред доаѓањето на Тимчо Муцунски за градоначалник.

Во него најголемиот дел од парцелите, односно повеќе од 95 % се наменети за А1 објекти за индивидуално домување, односно за семејни објекти, што говори за фактот дека со него се решаваат инфраструктурни и сообраќајни проблеми, но и неговото донесување ќе значи и забрзување на процесот на решавање на веќе поднесените барања за легализација на бесправно изградените индивидуални објекти во ова населено место. Најважно од се е дека истиот, во ниту еден случај не предвидува изградба на стотици згради, напротив решава проблем на стотици граѓани во овој дел од општината – објаснуваат од Општината.

Во нивното соопштение се вели дека целата постапка за измена на постоечкиот ДУП е јавна, транспарентна и во согласност со законите.

Во тек е јавната анкета преку која граѓаните со свои забелешки и сугестии може да даваат предлози за негова корекција и доработка. И во таа насока уште еднаш ги повикуваме граѓаните да го погледнат планот, да пополнат анкетни листови и да се уверат за што станува збор. Воедно да увидат дека информациите кои се пласираат во јавноста се целосна лага и невистина. Токму забелешките од граѓаните ќе бидат основа за носење поквалитетен Детален урбанистички план, а финалната верзија од ДУП-от ќе биде изработена по завршување на јавната анкета и во неа ќе бидат земени предвид најголемиот дел мислењата и ставовите на граѓаните кои живеат во овие населени места – тврдат од Аеродром.

Оттаму апелираат до политичките субјекти да се воздржат од ширење лаги и дезинформации, но и до граѓаните со апсолутна резерва да ги земаат предвид вестите кои се споделуваат од изворите, кои досега во сите наврати се покажале како извор кој единствено шири, лаги, манипулации и дезинформации.

Деновиве, граѓани со објава на фејсбук групата „Да го зачуваме Лисиче“ реагираа дека на крајно подмолен нетранспарентен начин се прави обид да се “протне“ Предлог ДУП ЈИ 09 блок 09.01. кој, според нив, е катастрофален за населбата Лисиче.

Згради, затворање постоечки улици, трасирање нови улици кои поминуваат низ нашите домови, уништување на нашето спокојно живеење. Додека не е доцна да реагираме т.е. сите засегнати нека поднесат Анкетни листови со свои забелешки најдоцна до 13.04.2023 во ОУ “Димитар Македонски“ – повикаа граѓаните од населбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот