Опозицијата алармира дека Инспекторатот за македонски јазик ќе добие 91 отсто помалку пари, власта тврди дека буџетот е таман

Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска остро реагираше дека со Предлог-буџетот за 2026 Инспекторатот за македонски јазик добива 91% помал буџет, и покрај претходните ветувања, поради што, како што рече, институцијата останува без услови за работа и без можност за вработување лектори.

На собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжи расправата за Предлог-буџетот за 2026 година, која и денеска помина во размена на спротивставени ставови меѓу власта и опозицијата. Додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го оценија буџетот како балансиран, развоен и одговорен, нивните колеги од СДСМ ја обвинија Владата за драстични кратења, недостиг од реформи и непродуктивно трошење.

„Буџетот на Инспекторатот за македонски јазик е намален за 91 отсто“

Пратеничката и ексминистерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска жестоко реагираше на предложените буџетски ставки за културата, особено за Инспекторатот за македонски јазик, чијшто буџет, како што рече, е намален за 91 отсто.

„Кога со ребаланост се намалија средствата рековме дека нема да дозволиме тој (Инспекторатот) да не профункцира, за потоа да донесете измени во законот со кои инспекторатот се намали на ниво на одделение, отсек во Министерството за култура, за да добие сега 91 отсто намален буџет“, рече таа, додавајќи дека нема услови за работа на институцијата и дека нема огласи за вработување лектори.

Бисера Костадиновска-Стојчевска потенцираше и дека не се предвидени средства за адаптација на училиштето во Љубојно во центар за промоција на македонскиот јазик, а за 33 отсто е намален буџетот за реконструкција на „Музејот на Македонија“.

Се кратат пари за лицата со попреченост, за децата, за болните: Тренчевска алармира за предложениот Буџет за 2026

Пратеничката и поранешна директорка на УЈП, Сања Лукаревска, оцени дека буџетот е „неконзистентен, нереален и штетен“.

„Цените растат, граѓаните должат повеќе, а примаат исто. Наместо да живеат подобро, тие повторно плаќаат повеќе. Нема развој, нема реформи, нема повисоки плати, нема мерки за сиромаштијата, има само задолжување, кратење и непродуктивно трошење. Ова е буџет на хартија, без капацитет да донесе подобар живот“, рече Лукаревска.

Според неа, само девет отсто од расходите се за капитални инвестиции, а огромни 91 отсто одат за непродуктивни трошоци.

„Буџетот е балансиран, одржлив и развоен“

Пратениците од владејачкото мнозинство го бранеа предлогот, истакнувајќи дека тој обезбедува стабилност, развој и јасна стратегија за економијата.

Весна Ѓорѓиева рече дека Владата води „внимателна, одговорна и умерена економска политика“.

„Не трошиме, туку инвестираме, создаваме услови за долгорочен раст, нови работни места и поконкурентна економија. Економскиот раст конечно почнува да се чувствува во реалниот живот на граѓаните“, истакна таа.

Пратеникот Златко Пенков тврди дека очекуваните буџетски проекции за 2026 година се базираат на реални процени.

„За 2026 година се предвидува 3,8 отсто раст на БДП. Стапката на инфлација е детерминирана на 2,5 отсто. Главни двигатели ќе бидат градежништвото и домашната потрошувачка. Стапката на невработеност е предвидено да биде 10,1 отсто, а платите и пензиите ќе растат“, рече Пенков.

Тој повика на поинтензивни политики за привлекување странски и домашни инвестиции, укажувајќи дека сивата економија, проценета на околу 700 милиони евра годишно, има потенцијал да го засили растот ако се стави во формални рамки.

Пратеникот Емил Спасовски додаде дека буџетот има силна социјална компонента и дека мерките ќе донесат „реална и опиплива промена“ во 2026 година.

Ни требаат повеќе пари, вели претседателот на Судскиот совет, Камбовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот