Опаѓа загадувањето во Скопје – инвертерите, печките на пелети и другите мерки даваат резултати

Замена на шпоретите на дрва со печки на пелети/ Фото: Општина Сарај

Решавањето на проблемот со загадувањето во главниот град ќе биде една од темите за која ќе се зборува многу во престојната кампања за локалните избори на 17 октомври. 12-те кандидати за градоначалник на Скопје пред граѓаните ќе треба да ги презентираат своите видувања за да не се повторат поразителните податоци кога главниот град беше на врвот на листата на најзагадени градови во светот.

Во лето палење на стрништа и депонии како и сообраќајот, а на зима греењето со биогорива, се главните причини за енормното загадување во Скопје. Во изминатите 4 години, активно се работеше на сузбивање на главните загадувачи на воздухот со низа мерки. Имено засилените инспекциски контроли, расчистувањето на дивите депонии, подигањето на нови зелени површини, новите автобуси на гас како и користењето на новиот инсенератор за третирање на медицинскиот отпад во Дрисла се само неколку активности со кои Градот Скопје позитивно влијаеа на овие промени.

Се спроведоа и повеќе кампањи во кои директно учество имаат граѓаните, како пријавувањето на огнови на отворено преку телефонот 193 и расчистувањето на стрништата, наместо нивно палење.

Најдиректно скопјани се вклучуваат во кампањите за велосипедизам, електрични тротинети, чистење на оџаците и инвертерите со кои што не само што им се помага  на граѓаните со субвенционирање на ваквите „зелени трошоци“, но ги поттикнуваат и „зелено“ да размислуваат, а со тоа евидентни се и резултатите во постепено намалување на загадувањето во Скопје.

Досега Градот Скопје додели 5.000 инвертери, 2.000 печки на пелети, исчистени се 2.000 оџаци и изгаснати 10.000 активни оџаци, а поради намалената цена за топлинска енергија, околу 2.000 исклучени домови повторно се приклучија кон централното парно греење. На 100 државни згради им се сменети котлите за греење и елиминирани се како загадувачи, велат од управата на Град Скопје и додаваат дека со измените на Законот за управување со отпад кои Собранието ги усвои на почетокот на минатата година  на индустриските капацитети им се забрани увоз на отпад од странство кој се користи како алтернативно гориво, нешто што дотогаш го правеа одредени големи индустриски субјекти како што е Цементарницата УСЈЕ.

-Ако се земе во предвид дека меѓу 80.000 и 90.000 куќи согоруваат биомаса за затоплување и во една грејна сезона се трошат околу милион кубици дрва, кога 10.000 од нив ќе преминат на алтернативен начин за затоплување тоа е од 10 до 12 проценти намалување од масата на загадувачи и секако има значителен удел во намалувањето на загадувањето во Скопје. Мерките даваат резултати. Факт е дека години наназад се намалува загадувањето во Скопје, но треба уште да се работи за да бидеме подобри. Ако се продолжи вака ќе се коригираме блиску до граничните вредности, вели за „Слободен печат“ професорот Дејан Мираковски, од Штипскиот универзитет кој учествува во истражувањата и мерењата на загадувањето во РСМ.

Загадувањето во Скопје бележи континуиран пад

Последните неколку години, екстремното загадување во главниот град бележи намалување, а во очекување на последните анализи кои ги работи експертски тим на УНДП, Град Скопје, УГД-Штип и Министерството за животна средина и просторно планирање, резултатите од анализите на загадувањето со ПМ10 честичките во претходните четири години покажуваат тренд на намалување на годишно ниво. Континуиран пад на средното годишно ниво е забележан од 2018 година (57,39)  до минатата година (47,70), ако се има предвид дека од 2015 до 2017 година, средното годишно ниво на ПМ10 честичките се движело од 71,30, преку 71,91 до 70,03 во 2017 година.

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

– Метеролошките прилики се фактори кои влијаат на намалувањето на загадувањето во делот на ПМ10 честичките, но мора да напоменам дека статистички нема значајна разлика, додека кај ПМ2,5 честичките има поголемо намалување но и разлика не е статистчки значајна, но анализата е многу комплексна и последните резултати ќе бидат достапни за недела – две. Свој удел посебно минатата година имаат и рестриктивните мерки за движење поради пандемијата, но тоа од друга страна ги затвори граѓаните во домовите, а се намали учеството на сообраќајот во севкупното загадување во тие периоди, вели професорот Дејан Мираковски.

Иако метеоролошките околности се наведуваат како фактор во намалувањето на загадувањето, со компаративна анализа помеѓу ПМ10 честичките и врнежите, температурата и ветерот не се забележува поврзаност помеѓу овие вредности. Температурата на годишно ниво, во периодот 2015-2020 просечно е движела од 13.70 C° до 14.54 C° а ветерот за истиот овој период просечно изнесувал од 2.41 m/s до 2.50 m/s. Единствено количеството на врнежи се разликува овие години, но не може да се воспостави врска меѓу нивото на ПМ10 честички и количеството на врнежи. Односно, најмногу врнежи не значат најмалку загадување или обратно. Ако се споредат двете години кога имало најмногу врнежи се гледа дека едната е со највисоко ниво на ПМ10 честички (2016), додека во другата година (2018) се бележи значителен пад на истите честички.

За намалувањето на загадувањето до граници на нормалата, потребно е да се работи на подигнување на свеста кај населението и економските субјекти да не се користи дрво за огрев и други биогорива за греење или во индустријата, како и активна вклученост на локалните и државните институции, смета професорот Мираковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот