Скопјани сѐ позаинтересирани да се греат и ладат со инвертери

Инвертери. / Фото: Архива на Слободен печат

Според информации добиени од градските власти, досега се субвенционирани околу 7.530 домаќинства за набавка на инвертер клима-уреди, со што исто толкава бројка на оџаци во Скопската Котлина престанале да чадат, а со тоа и да загадуваат.

Греењето на инвертер клима-уреди, од година во година станува сѐ поатрактивно. Тоа се должи на поволностите што ги нудат надлежните институции за набавка на ваков тип грејни тела, но и на желбата на населението за почист воздух.

Дополнителна причина за избор и набавка на инвертер клима-уред е што може да се користи и во лето кога температурите се исклучително високи. Токму поради ваквите поволности, овој начин на греење и на ладење на домовите, е сѐ поактуелен и попопуларен.

Според информации добиени од градските власти, досега се субвенционирани околу 7.530 домаќинства за набавка на инвертер клима-уреди со што исто толкава бројка на оџаци во Скопската Котлина престанале да чадат, а со тоа и да загадуваат.

Оваа година, до Град Скопје пристигнале вкупно 1.667 барања за набавка на инвертери. Од нив, 1.574 барања се одобрени, 71 од доставените барања се одбиени, а во моментов во процедура за одобрување се уште 22 барања.

-Во 2020 година имаше 5.002 пристигнати барања за субвенционирање на набавка на инвертер-клима уреди, од кои 4.577 барања беа одобрени а 425 барања беа одбиени. Во 2019 година, пристигнале 1.600 барања од кои 1.379 се одобрени, а 221 барање е одбиено – информираат од Град Скопје.

Проектот за субвенционирање за набавка на клима-уреди од Град Скопје е исклучително важен, бидејќи домаќинствата што се греат на дрва или јаглен, важат за едни од најголемите загадувачи во Скопската Котлина. Дополнителен проблем се јавува и поради одреден број несовесни граѓани што за да ги намалат своите трошоци, а притоа за да се загреат, наместо дрва за огрев користат отпад како што се стари штици, дрвени прозорци и врати, паркет, а за состојбата да биде уште поалармантна, има граѓани што не пропуштаат можност своите домови барем за неколку денови да ги загреат со гуми, пластика, па дури и со горење стари алишта.

Токму поради ваквата ниска свест за чување на животната средина и опасноста што се шири во воздухот поради горење секаков отпад, загадувањето во Скопје е исклучително големо во текот на зимските месеци. Најалармантна е состојбата во приградските населби каде што населението се грее на дрва.

 Спроведувањето иницијативи за одржување еколошко Скопје е еден од предусловите за намалување на загадувањето во нашиот град. Токму затоа субвенционирањето на купените инвертери на нашите домаќинства со кои ги заменија старите печки, а со тоа директно дејствуваа во намалување на емисиите на штетни гасови во воздухот, е една од иницијативите што ја спроведовме во изминатите неколку години. Особено сме горди дека повеќе од 7.000 домаќинства станаа дел од оваа иницијатива и помогнаа за подобрување на воздухот и обезбедување поздрава животна средина за сите нас – велат од Град Скопје.

За субвенционирање за набавка на инвертери, имаат право да аплицираат сите граѓани што се греат на дрва или на јаглен, но услов е сите заинтересирани на претходно определени пунктови да ги достават грејните тела што дотогаш ги користеле, какви што се печки на дрва или, пак, печки на јаглен, а за возврат на тоа да добијат средства за купување клима-уред.

Како што информираа надлежните, целта е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци што чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.

За да се спречи можна злоупотреба од семејствата што ги искористиле субвенциите и набавиле клима-уред, притоа предавајќи го шпоретот на дрва или на јаглен во некој од пунктовите назначени од градските власти, инспекторите од Град Скопје вршат контроли во домаќинствата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот