Немало злоупотреба од граѓаните што печките на дрва ги заменија со инвертери

Замена на шпоретите на дрва со печки на пелети/ Фото: Општина Сарај

Ниту едно семејство кое ги искористило субвенциите и набавило клима-уред, притоа предавајќи го шпоретот на дрва или на јаглен во некој од пунктовите назначени од градските власти, не направило злоупотреба и не продолжило да се грее на дрва наместо на инвертер.

Ова е општиот заклучок на екипите на Инспекторатот на Град Скопје, кои во изминатиот период по случаен избор од добитниците на субвенција, излегле на терен и извршиле увид за тоа дали се користат инвертерите како основно средство за затоплување на нивните домаќинства. Од затекнатата состојба на терен инспекторите заклучиле дека сите тие ја почитуваат обврската за затоплување на домовите со клима-инвертер.

-Според условите од јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди кај индивидуалните станбени домаќинства, тие се обврзаа да продолжат да ги затоплуваат своите домови со нив и да се откажат од греење со цврсти горива. Во таа насока, сите лица што добија субвенции (беа доделени 4577 субвенции) беа задолжени да ги отстранат-предадат своите печки на цврсто гориво на организираните пунктови од наша страна, со што го задоволија условот за да ја добијат субвенцијата – потсетуваат од Град Скопје.

Со оваа мерка, со која градските власти во соработка со Владата им овозможија на заинтересираните граѓани своите печки на цврсти горива да ги заменат со поеколошки грејни тела односно со клима-уреди, придонесоа да се постигне бројката од нешто помалку од 5.000 оџаци да престанат да чадат во Скопската Котлина.

Градските власти предупредуваат дека доколку за време на инспекцискиот надзор се утврдат неправилности, односно доколку инспекторите на терен утврдат дека во дадено семејство и покрај набавката на клима-уреди и понатаму се користат печки на дрва или на јаглен за затоплување, за нив ќе следуваат соодветни санкции.

-Сакаме да напоменеме дека доколку при вонреден инспекциски надзор се затекне домаќинство кое не ги исполнува условите од јавниот повик, на истото врз основа на записник од надлежниот инспектор, ќе му биде констатирано непочитување на обврските од јавниот повик и лицето ќе биде принудено да ги врати доделените финансиски средства – ја објаснуваат постапката од Град Скопје.

Оттаму најавуваат дека и оваа година ќе продолжат со изнаоѓање начини за да им овозможат низа поволности на граѓаните за поеколошко затоплување, кое ќе помогне во намалување на загадувањето на воздухот во главниот град.

– Град Скопје и годинава планира да распише јавен повик за субвенции за граѓаните за набавка на инвертер клима-уреди, како и за чистење на оџаците – информираат од Градот.

На јавниот повик за субвенционирање аплицирале 5.000 граѓани за добивање субвенции за набавка на инвертери и поголемиот дел од нив биле прифатени. Услов за граѓаните да добијат средства за набавка на инвертер-клима беше сите заинтересирани на претходно определени пунктови да ги достават грејните тела што дотогаш ги користеле, какви што се печки на дрва или пак печки на јаглен, а за возврат на тоа да добијат средства за купување на клима уред. Според условите во повикот, предвидено беше на граѓаните целосно да им бидат надоместени трошоците за набавка на инвертери, но не повеќе од 62.000 денари во нето-износ.

Како што информираа надлежните при објавувањето на ваквиот повик, целта е да се придонесе за намалување на аерозагадувањето во Скопје преку намалување на бројот на оџаци што чадат заради загревање на домовите во текот на грејната сезона, односно во зимскиот период.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот