ООН не нуди рај, но штити од пекол!
Светот денес се соочува со војна во Европа, со вооружени судири на Блискиот и на Средниот Исток, со постојана тензична состојба во регионот на Пацификот, со постојана закана од употреба на нуклеарно и на хемиско оружје, со сиромаштија и глад, со непочитување на меѓународни договори и на меѓународното право. А, токму ОН се најповикани да не дозволат светот да биде на работ на Трета светска војна и нивна главна мисија е да го зачуваат мирот преку колективниот систем за безбедност и со мирно решавање на споровите по дипломатски пат и дијалог.
По Првата светска војна светот беше соочен со потребата од меѓународен инструмент што ќе помага во разумното решавање на меѓународните спорови, по мирен пат, со дијалог и без употреба на сила и оружје. Идејата на британскиот секретар за надворешни работи, Едвард Греј, за формирање на Друштвото на народите (Лига на народите), меѓународна организација што треба да ги спречи новите вооружени судири од светски размери по Големата војна, беше безрезервно прифатена од тогашниот американски претседател, Вудро Вилсон, иако Конгресот на САД беше против промоција на трансатлантските односи и не го изгласа нивното членство во Друштвото на народите. Сепак, оваа идеја беше предложена од страна на американскиот претседател и истовремено беше прифатена на Париската мировна конференција во јануари 1919 година.
Препорачано
Благородната визија на Вудро Вилсон за создавање меѓународна организација со седиште во Женева, што во основа би ги содржела принципите за забрана на примена на сила во односите меѓу државите во светот и заштита на колективната безбедност, набрзо стана утопија. Зашто, неколку години подоцна Италија ја анектира Етиопија, Јапонија изврши инвазија врз Манџурија, тогашниот Советски Сојуз изврши агресија врз Финска, а на 1 септември 1939 година германската армија упадна во Полска, датум што е земен во историјата како почеток на Втората светска војна.
Со тоа, практично, беа прекршени основните принципи на Повелбата на Друштвото на народите, поради што овие земји (Италија, Јапонија, СССР и Германија) беа исклучени од Организацијата, која формално престана да постои во април 1946 година. Една година пред тоа во Сан Франциско претставници на 50 земји потпишаа нацрт-повелба за формирање нова меѓународна организација, која официјално беше обзнаена во јуни 1945 година, а официјално, на 24 октомври пред точно 80 години, беше и промовирана Организацијата на Обединетите нации, со седиште во Њујорк.
Колкави се способностите и моќта на Обединетите нации во денешно време, исполнето со воени конфликти, закани со сила и мноштво случаи на притисоци и уцени, кршење на основните принципи на нејзината Повелба и дали може да дојде до повторување на судбината на Друштвото на народите?
Темелите на најуниверзалната и најинклузивната меѓународна организација – Обединетите нации – зачувување на мирот и безбедноста во светот, принципот на суверената рамноправност на државите, почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет, немешањето во внатрешните работи, неупотребата на сила и почитувањето на основните човекови права и слободи, се речиси сосема разнишани, значително поткопани, па дури и сериозно погазени.
Светот денес се соочува со војна во Европа, со вооружени судири на Блискиот и на Средниот Исток, со постојана тензична состојба во регионот на Пацификот, со постојана закана од употреба на нуклеарно и на хемиско оружје, со сиромаштија и глад, со непочитување на меѓународни договори и на меѓународното право. А, токму Обединетите нации се најповикани да не дозволат светот да биде на работ на Трета светска војна и нивна главна мисија е да го зачуваат мирот преку колективниот систем за безбедност и со мирно решавање на споровите по дипломатски пат и дијалог.
Главните начела и принципи во самата Повелба на ООН се однесуваат на односите меѓу државите во светот што треба да водат кон развој и просперитет на човештвото и да ги зачуваат идните генерации од ужасот на војните. Сега Обединетите нации имаат 193 земји членки, кои ја имаат потпишано таа Повелба и се обврзани доследно да ја почитуваат.
Своевремено, вториот по ред генерален секретар на ООН Даг Хамаршелд има изјавено дека „Обединетите нации не се формирани за да го одведат човештвото во рај, туку да го спасат од пеколот“! Ниту Повелбата, ниту, пак, оваа изјава на Хамаршелд не се во согласност со современите меѓународни односи, зашто главните договори за спорните прашања на меѓународно ниво и нивното решавање како да им се препуштени на големите сили, а не за нив да се дебатира и да се одлучува во Советот за безбедност и во Генералното собрание на ООН.
Очигледно е дека подолги години мултилатерализмот е сосема запоставен кога станува збор за меѓународните кризни жаришта и дека принципот на унилатералниот пристап спрема решавањето на светските проблеми претставува грубо кршење на начелата и принципите на Повелбата на ООН, со што не само што се девалвира, туку и се доведуваат во прашање и нивната политичка улога и значење во меѓународните односи. Земјите членки треба постојано да имаат предвид дека потпишувањето и прифаќањето на принципите од Повелбата на ОН значи и сериозна обврска за нејзино почитување, што често се игнорира, пред сè, од страна на големите сили.
Главните одлуки и резолуции за меѓународните спорни прашања ги донесува Советот за безбедност, кој често се соочува со нивно спречување и неспроведување поради употребата на системот на вето, што најчесто го прават САД или Русија, кои заедно со Велика Британија, Франција и Кина, се постојани земји членки на Советот за безбедност, кои го имаат тоа право. Инаку, во 1965 година овој Совет се проширува со уште десет непостојани земји членки, кои ротираат на две години, но тоа значајно не придонесува во успешното функционирање на Советот за безбедност. Инаку, во ООН постојано се дискутира и за реформи во рамките на нивниот организациски и политички систем, заради нивно подобро и поефикасно функционирање, што, секако, би довело и до поправедно решавање на меѓународните горливи прашања. Често се зборува и за проширување на Советот за безбедност, во кој, како постојани земји членки би биле и држави од други континенти, зашто не е логично во Советот за безбедност како постојани земји членки да не се вклучени Индија, земја со најмногу население во светот, како и земји од Африка и земји од Латинска Америка. Со спроведувањето на ваквите и слични реформи, се верува дека ќе зајакне функционалноста на ООН и би се овозможило поправедно и поефикасно решавање на современите глобални предизвици.
Во таа смисла, во рамките на ООН, поточно секоја година на Генералното собрание се донесуваат различни планови, агенди и пактови за мир и развој во светот, се организираат самити за перспективите на идните генерации, на кои најчесто акцентот се става врз јакнењето на соработката меѓу државите за да не застрани светот кон пропаст, туку да се трасира пат на просперитет и развој и доследно, а не селективно да се применуваат резолуциите на Советот за безбедност, со што би се зголемила и довербата и моралниот авторитет на ООН. Заради тоа, смета генералниот секретар Антонио Гутереш, потребна е поголема посветеност на дипломатијата и преговорите, на превенцијата на кризи со посредување и дијалог, со учество на претставници од повеќе, пред сè, засегнати земји во каков било спор, а не само на претставници од големите сили. Доколку тоа не помогне за ефикасно надминување на конфликтите во меѓународните односи, тогаш Советот за безбедност на ООН треба да преземе санкции или други политичко-економски мерки, што често го прави, за да не дојде до пошироки вооружени конфликти и воени судири.
Сепак, не треба да се губи надеж во доследното почитување на меѓународното право и во сегашната улога на Обединетите нации за одржување на какви-такви мир и безбедност во светот. Со сериозна реформа и реорганизација ООН би можела најверојатно посоодветно да влијае врз опасните предизвици со кои денес ние сите се соочуваме. Тоа на некој начин го потврдуваат и 17-те одржливи цели за развој (СДГ) што Обединетите нации си ги поставија да ги реализираат до 2030 година, токму во период кога во меѓународната заедница има повеќеслојни сложени кризи и кога остварувањето на целите за одржлив развој наидува на сериозни пречки и тешкотии. Затоа, како што уверува Гутереш, се неопходни максимални напори и активности поврзани не само со решавањето на актуелните вооружени конфликти, туку и со решавањето на глобалните предизвици за човештвото, како што се климатските промени, превенциите од природни катастрофи, меѓународното здравство и слично, со што целата меѓународна заедница, вклучувајќи ги и земјите во развој, би можеле да ги постигнат целите на одржлив развој, предвидени со оваа Агенда на ООН, во наредните пет години.
(Авторот е амбасадор, доктор по политички науки)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


