Васил Рингов / Фото: Слободен печат / Методиј Здравев

Омаж за Васил Рингов: И фудбалот го играше како од шега, каков што му беше животот

Сега не ми се говори за тоа колку голови постигнал и колку настапи остварил во Вардар или во другите клубови. Васе беше многу повеќе од тоа. Неговата водилка низ животот беше љубовта.

Ако го прашавте детали од неговата кариера, Васил Рингов ќе ви кажеше дека не ги памети головите и дека фудбалот никогаш претерано не го интересирал. Ќе ви кажеше и дека негов омилен спорт е кошарката. „Чиста работа е кошарката, спорт на интелектуалци. Фудбалот се игра во кал“, велеше тој. Ќе ви кажеше и дека тој станал фудбалер затоа што тоа го правел најдобро, и дека да бил талентиран за музика, секако дека ќе ја одбрал музиката пред фудбалот.

Затоа сега не ми се говори за тоа колку голови постигнал и колку настапи остварил во Вардар или во другите клубови. Васе беше многу повеќе од тоа. Неговата водилка низ животот беше љубовта. Тој беше бескрајно вљубен во својата сопруга, во синовите и во внуците. Безусловно ги сакаше и пријателите. Со часови ќе ви говореше за другарите од детството со кои има одено на училиште и со кои си има играно по родната Струмица. Тие што имаа шанса да го познаваат, секако дека ја дознале и епизодата од неговото детство, кога криејќи се многу успешно за време на играњето жмурка, заспал и дома се вратил дури наредното утро. Со насмевка на лицето говореше и за своите баби, чии куќи беа изградени во ист двор. И за родителите и за постариот брат, кој му бил пример во животот, и за саканата сестра, која вредно ја архивирала неговата кариера.

Кога како млад оди во Белград, каде што на 17-годишна потпишува за Партизан, тој таму пронаоѓа пријатели за навек. Истото му се случува и во Загреб, каде иако игра многу кратко време, сепак, и покрај тоа, тој денес е славен како една од најголемите легенди во историјата на Динамо. Особено интересно е неговото искуство од Германија, каде што настапуваше за тимот на Ајнтрахт од Брауншвајг. Таму влегол во друштво со поголем број емигранти од Ниш, кои работеле во фирмата „Телефункен“. Секој од нив успевал при излегување од работа да скрие по еден дел, а потоа во импровизирани работилници деловите биле составувани во телевизори. Рингов беше преполн со вакви анегдоти.

Значителен дел од неговата љубов беше насочена и кон Вардар. Но, тоа беше комплицирана врска, која траеше со години. Вардар во исто време беше предмет на неговата гордост и на неговото разочарување. Велеше дека на луѓето што го воделе клубот секогаш им недостигала храброст, визија, знаење. „Да имавме организација каква што на времето имаа некои други екипи, ќе бевме дел од ‘големата четворка’ на југословенскиот фудбал. Скопје и Македонија заслужуваа таков клуб, ама тоа не се случи“, говореше еден од најомилените фудбалери на вардаровите навивачи, кој ќе остане запомнет како симбол на клубот.
Загубивме голем човек. Јас загубив одличен пријател, со кого знаев да поминам часови пиејќи кафе и пушејќи цигари. Тој многу сакаше да разговара за политика и лично познаваше голем број политичари. На едни локални избори дури и се кандидираше, па имаше една исклучително интересна приказна за тоа кога отишол да агитира за својата кандидатура во скопското село Јаболце. Велеше дека го препознал еден од селаните, кој успеал да ги убеди другите дека, иако дале збор дека ќе гласаат за кандидат од друга партија, сепак, на изборите решиле да го поддржат Рингов. На денот на гласањето дошол некој неканет гостин и ја скршил кутијата со гласовите, што одлично го симболизираше и крајот на неговата мошне куса политичка кариера.
Васил Рингов е секако еден од најдобрите фудбалери во историјата на Македонија. Тој ќе остане запомнет како добар човек секогаш подготвен за шега. И последната порака испратена по Вибер од него, и тоа во моментите кога здравјето му беше во критична состојба, беше со шеговита содржина. Планирам да ја чувам додека сум жив.

Митови и факти | Рингов: Ме уапсија во Струмица за бесплатно да потпишам во Вардар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот