Фото: Благоја Георгиевски/Слободен печат

Олимпискиот сон ни стана кошмар

Кошмарот беше во организацијата, што се манифестира низ неколку скандалозни ситуации, но и од резултатски аспект, односно катастрофалните резултати на македонските млади спортисти

Големиот спортски настан ЕМОФ „Скопје 2025“ беше најавен од првиот човек на организаторот и претседател на МОК, Даниел Димевски како олимписки сон што ќе го живееме сите во седумте дена. Но, олимпискиот сон набргу по стартот се претвори во кошмар од кој сè уште не можеме сосема да се разбудиме.

ЕМОФ „Скопје 2025“ беше во еден добар дел кошмар за сите, за учесниците, за јавноста, а веројатно и за организаторот. Кошмарот беше во организацијата, што се манифестира низ неколку скандалозни ситуации, но и од резултатски аспект, односно катастрофалните резултати на македонските млади спортисти.

Организацијата ни киксна во повеќе наврати. Не е невообичаено на вакви големи настани да има организациски киксеви. Но, кај нас се претера. Оваа манифестација беше планирана да даде позитивен имиџ на земјава низ Европа. Таа цел, според нас, доживеа чисто промашување. Добар дел од учесниците понесоа негативна слика за Македонија. По срамните ситуации со паднатиот таван, со спортистките кои морале да спијат по две во кревет (немало кревети), по прекините на струја, недостигот на вода, сообраќајката на велосипедистите од Исланд… сликата за земјава веројатно е далеку од розова кај оние наши 4.000 гости од 50 земји во Европа.

Најзвучна шлаканица ни удри Анџело Чито, претседателот на Италијанската теквондо федерација. Тој преку медиумите ја позиционира Македонија назад во времето во некои минати столетија, нарекувајќи ги условите срамни, објектите распаднати, недостојни за денешно време.

Потрошени се големи буџетски пари за да се организира ЕМОФ „Скопје 2025“, со цел да се промовира Македонија во Европа. Наместо промоција, учесниците до своите земји ќе пренесат слика на некоја земја заглавена во времето, во минатото. Па, зошто тогаш отидоа парите, напорите?

Димевски сега дава изјави како сѐ да било во најдобар ред?! Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат вината, си собираат политички поени. Ловот во матно е врвен спорт во нашава средина, штета што го немаше во официјалниот репертоар, сигурно златото ќе беше за домаќинот.

Треба сепак во позитивно светло да се истакне работата на пожртвуваните волонтери, кои даваа сè од себе дење-ноќе за манифестацијата да тече. Треба да се спомене и дека на крајот претседателот на Европскиот олимписки комитет Спирос Капралос изјави оти условите во објектите биле одлични и дека целиот настан бил успешен. Ова е во директна контрадикторност со изјави од некои од учесниците, кои се жалеа на условите.
Поради сите проблеми со организацијата, како во втор план да паднаа резултатите на македонските спортисти, или подобро, недостигот на резултати.

Она што го остварија нашите репрезентативци треба сите длабоко да нè загрижи, сликата е вознемирувачка, депресивна. А за тоа толку малку стана збор во јавноста. Чудно. Да бидете земја домаќин, да имате најброен тим, 181 спортист, учесници во сите спортови и да не дојдете во ситуација ни да се доближите до медал (освен теквондистката Душица Бреслиева), а камо ли да освоите?! Тоа е страшно и покажува дека сме на дното на спортска Европа. Па други тимови од по пет-шест спортисти освоија медали.

Лошите резултати не се вина на нашите млади спортисти. Тие се вина на сите спортски чинители во Македонија, подолг временски период наназад. Чинители што треба да создадат спортисти способни да дојдат до медали. Тежок проблем, комплексен. Треба сериозни промени во нашата спортска номенклатура и организации (почнувајќи од врвот), оставки, преструктурирања, промени во финансиските приоритети и друго, за да се направи пресврт на подобро. Но, големо прашање е дали како општество имаме способност да го сториме тоа.

Дали знаете дека Македонија во 13 учества на овие европски младински олимписки игри нема ниеден освоен медал? И дека е една од само две-три земји во Европа без одличје. Сите земји во регионов имаат медали од ЕМОФ, само ние не.

Треба да ни ѕвонат ѕвона за тревога во спортот, а овој факт ретко и се споменува. Па ако немаме развиен младински спорт, немаме ни спорт. Нели на овие фестивали се калат идните олимписки ѕвезди и медалоносци? Каде се нашите? Барем еден?

Ќе беше многу порационално парите потрошени за организацијата на ЕМОФ 2025 манифестација што според нас не ги реализира целите, да беа потрошени за развој на младите категории во нашиот спрот. Ова соочување на македонските спортисти од 14 до 18 години со своите европски врсници во 15 олимписки спорта, даде јасна слика колку заостануваме зад нив-многу.

Тоа е наша сериозна главоболка, ќе ни требаат години за ја излекуваме. Во најдобар случај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот