Охрид чаршија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Охрид е најголемото дувло на питачи – работат до 4 часот наутро, а парите завршуваат на друго место

Најпогодена е ромската заедница и семејствата од социјално најранливите категории.

Состојбата со детското питачење во туристичките центри повторно станува алармантна, особено во Охрид каде бројката значително расте за време на празниците и присуството на гости, објави СДК.

По нивното заминување, бројот се намалува, но проблемот останува.

На ова предупреди денеска од Охрид Илија Јовановиќ, претседател на Здружението „Градиме иднина“, по повод четири години од проектот „Стоп против питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“.

Најпогодена е ромската заедница и семејствата од социјално најранливите категории.

Според истражувањата, 18.500 деца не посетуваат настава, а од околу 2.000 деца кои секојдневно питачат во земјава, за четири години 145 се тргнати од улица.

Децата најчесто се носат од Велес, Кичево, Струмица, Битола, Штип и други градови и се распределуваат по туристичките локации.

Јовановиќ апелира граѓаните да не даваат пари, бидејќи, како што нагласува, тоа претставува кривично дело и поддршка на злосторничко здружување.

Парите, рече тој, завршуваат кај организаторите и мафијата, а самите деца добиваат од 10 до 50 денари и физички се малтретираат.

Работното време им започнува од 9 часот наутро и трае до 3–4 часот по полноќ, а во Охрид едно дете месечно заработува меѓу 3.000 и 5.000 денари.

„Не можеме преку ноќ да ги тргнеме од улица над 2.000 деца, затоа што ова е децениски проблем, не само кај нас туку и во Албанија, Србија и други земји каде што правевме истражувања. Но таму законите функционираат“, истакна Јовановиќ.

Министерството за внатрешни работи досега поднело 246 кривични пријави поврзани со злоупотреба на деца, тргување, бизнис и проституција.

Според Јовановиќ, проектот ги „разбудил“ институциите – обвинителствата, судовите, полицијата, центрите за социјална работа и Министерството за труд и социјална политика, по што се забележуваат „големи промени и резултати“.

Протоколите предвидуваат сите деца да бидат вклучени во образовниот систем, да имаат здравствена заштита, МВР да обезбеди лични документи, а градоначалниците да преземат мерки за отстранување на питачите од улиците и отворање дневни центри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот