Одблиску со првата жена аѓутант- Среќна сум што ми е дадена одговорноста и честа

Полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот Стево Пендаровски / ФОТО: Елизабета Дамјановска Спасеновска - СП.

Горда сум што сум прва жена што ја извршува функцијата аѓутант на претседателот на Македонија, вели полковник Билјана Блажевска, аѓутант на претседателот Стево  Пендаровски.

-Со моето поставување  на  оваа одговорна функција ги исполнивме заложбите на АРМ за унапредување на родовата еднаквост. Посебно откако сме членка на НАТО сметам  дека треба да се следат НАТО трендовите на НАТО членките  каде што имаме позитивни примери на жени на  високи позиции, а се со  цел да  се покаже  дека  Армијата нуди еднакви можности на сите. Јас сум 20 години во Армијата каде што сум извршувала различни  должности,  а учеството во мисии, обуки и вежби ми помогна да бидам подготвена за извршување на секоја должност, вели полковник Блажевска.

Таа нагласува дека извршувањето на функцијата аѓутант носи голема одговорност бидејќи е директно поврзана со Врховниот командант.

-Претседателот е и Врховен командант на вооружените сили на Армијата.  Од тоа произлегува и честа комуникација со Генералштабот. Моите  обврски се насочени во комуникација со АРМ и Генералштабот, координација на активностите помеѓу АРМ и Кабинетот на претседателот, но тука спаѓаат и протоколарните активности согласно воениот протокол. При предавање на акредитивни писма на странски  амбасадори или церемонии на официјални посети и други свечености, моја обврска е согласно протоколите да го  придружувам претседателот, објаснува  аѓутантката.

Таа  вели дека е исклучително тешко  да се дојде до оваа позиција но е среќна што претседателот Пендаровски покажал родова сензитивност со изборот на жена за позицијата на аѓутант.Во врска со членството на Македонија во НАТО, аѓутантката вели дека  е среќна што припаѓа на една генерација која работела на реформите кон влезот во сојузот.

-Учествував во мисии, на разни обуки и вежби со војската на сојузничките сили.Патот кон НАТО беше тежок и долг, но и покрај сите одлагања ние не се откажавме бидејќи тоа беше наша стратешка цел која ни беше поставена од независноста до денес. Принципите на НАТО ние ги спроведувавме и пред самото  членство,  спроведувавме  реформи во  одбраната, а  учеството во опасните и ризични мисии придонесе во колективната но и нашата безбедност. Во 2019 година се вратив од мисија во Авганистан, која што беше опасна и многу ризична. Но пред се за да се даде  масимум потребна е  сензитивност и разбирање бидејќи се работи со  армии на други држави. Во секој контингент на мисија од 2002 година до сега има и жени на  различни позиции така што и должностите кои ги извршуваат биле различни, но никогаш ниту една  жена на мисија не  е позаштитена од било кој машки  војник. Јас кога бев во мисија бевме четири жени, а и сега моментално во мисијата  во Авганистан се четири  жени. Значително се  зголемува и бројот на жени во Армијата, односно околу десет проценти жени војници се вклучени во АРМ од кои три полковничи, 32  потполковнички, мајори конданти на батаљон и заменик командант на батаљон, што покажува дека АРМ нема проблем да постави и жени на одлучувачки позиции, информира Блажевска.

Полковник Блажевска е мајка на  две ќерки, семејна жена и успешна во својата одговорна професија.

-Секоја работа бара балансирање помеѓу професијата и семејниот живот,меѓутоа работата во Армијата наметнува чести отсуства и непредвидливо работно време. Тоа е она што ми беше најтешко  да го балансирам кога ќерките беа помали. Сега веќе  се големи, па чувствувам олеснување од тој аспект. Сепак ќе нагласам дека мојот успех се должи во голема мера и на разбирањето кое го добивам од семејството, нагласува  Блажевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот