Од соперници до сојузници, зошто Трамп направи остар маневар кон Кина
Новата Стратегија за национална безбедност (НСБ) на администрацијата на Трамп, објавена минатата недела, означува драматична промена во нејзиниот пристап кон Кина. Аналитичарите велат дека клучната промена е во она што го кажува документот, но уште повеќе во она што не го кажува за Пекинг, објавува Си-ен-ен.
Препорачано
Документот повеќе не содржи сеопфатни изјави за Кина како „најзначајниот геополитички предизвик на Америка“, како што ја дефинираше администрацијата на Бајден. Исто така, му недостасува поострата форма на стратегијата на Трамп во првиот мандат, која во 2017 година ја опиша Кина како предизвик за „американската моќ, влијание и интереси“.
Наместо тоа, најновиот документ, кој секој претседател го поднесува до Конгресот за да ја истакне својата визија за надворешна политика, првенствено го нагласува економското соперништво меѓу САД и Кина. Загриженоста за авторитаризмот или злоупотребата на човековите права, теми што доминираа во извештаите на претходните администрации, едвај се споменуваат.
Економски, а не геополитички конкурент
„Нема споменување за конкуренција на големи сили со Кина. Кина се смета многу повеќе за економски конкурент“, рече Дејвид Сакс, соработник за студии за Азија во Советот за надворешни односи.
Вен Ти-Сунг, нерезидентен соработник во Глобалниот кинески центар на Атлантскиот совет, го опиша документот како „ребалансирање на интересите и вредностите“.
Наместо да ги прикажува Соединетите Држави како „сјаен град на рид“ – моделот на претседателот Роналд Реган за нацијата како светилник на слободата – новата НСБ стратегија на Трамп „е прво за Америка, за фокусирање на сопствениот развој на Америка и за трговијата, речиси исклучиво“, додаде Вен.
Друг показател за ставот на Трамп за Кина е колку ретко се споменува – само на 19 од 33 страници, зафаќајќи само еден дел. За споредба, НСБ на Бајден од 2022 година ја споменува Кина без престан на повеќе од 48 страници.
Промената на тонот е добредојдена во Пекинг
Промената на тонот и тесниот економски фокус се чини дека беа добро прифатени во Пекинг. На прес-конференцијата во понеделник, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, ги нагласи придобивките од „меѓусебното почитување, мирниот соживот и соработката од која сите добиваат“.
„Кина е подготвена да соработува со Соединетите Американски Држави за да го промовира континуираниот стабилен развој на односите меѓу Кина и САД, додека цврсто ги штити сопствените суверени, безбедносни и развојни интереси“, рече тој.
Иако Гуо ги повтори ставовите на Кина за чувствителни прашања како што е Тајван, неговата изјава беше претпазливо неутрална, без грубоста што често ги придружува кинеските реакции на политиките на САД.
Пекинг задоволен, но претпазлив
„Го протолкував тоа како доста позитивно“, рече Сакс, забележувајќи дека Трамп планира да го посети Пекинг следната пролет.
„Мислам дека Кинезите велат дека вратата е отворена за економска соработка и дека сакаат да работат на состанокот меѓу двајцата лидери во април – додава тој.
Но, некои во Кина го толкуваат НСД повнимателно, предупредувајќи дека промената на јазикот не мора да значи повлекување. Државниот таблоид „Глобал тајмс“ цитираше експерт кој изјави дека новата стратегија на САД „повеќекратно ја нагласува потребата од елиминирање на сите надворешни конкуренти или закани за интересите на САД“.
Менг Вејжан, истражувач во Институтот за напредни студии по општествени науки „Фудан“, изрази слична забелешка.
„Промената во формулацијата не значи дека САД повеќе не ја гледаат Кина како конкурент“, напиша тој, додавајќи дека Трамп можеби ги менува тактиките за да „бара поповолна позиција“ – вели тој.
Економијата како „краен влог“
Националната стратегија го прави својот фокус јасен од самиот почеток, прогласувајќи ја економијата за „краен влог“. Документот опширно се занимава со трговските односи, вклучително и нерамнотежата во кинескиот извоз во земјите со ниски приходи во однос на САД.
„Во иднина, ќе ги ребалансираме економските односи на САД со Кина, давајќи приоритет на реципроцитетот и праведноста за да ја вратиме економската независност на САД“, се наведува во документот.
Ова е значително отстапување од стратегијата на Трамп од 2017 година, кој „ја опиша Кина како ревизионистичка сила, додава Сакс.
Имено, нема идеолошки контраст или споменување на загриженост за човековите права. Администрацијата на Бајден ја истакна улогата на Пекинг во наводниот геноцид во Синџијанг и потиснувањето на слободите во Хонг Конг, додека првиот документ на Трамп го критикуваше авторитаризмот и масовниот надзор на Кина.
„Тоа е целосно отсутно од овој документ“, рече Сакс, додавајќи дека Пекинг е „веројатно доста задоволен… што стратегијата не претставува егзистенцијална конкуренција со Кина“.
Може да има неколку причини за оваа промена, наведува медиумот. Сакс сугерира дека администрацијата на Трамп можеби игра на сигурно пред самитот со кинескиот лидер Си Џинпинг во април. Тоа може да одрази и промена во кабинетот на Трамп или сфаќањето дека трговската војна покажа како „двете земји можат да си нанесат значителна штета една на друга економски“.


