Од први јануари започнува „чистката“ во правосудството

Кривичен суд/Фото: Драган Митрески

Деталите ќе бидат познати за некој ден, а првиот случај на разрешена судијка доаѓа од судот во Охрид, чии постапки, според Судскиот совет, му овозможиле на убиецот да избега од правдата

Со одлуката за разрешување на двајца охридски судии и официјално започна филтрацијата во правосудството, се пофали министерот за правда Бојан Маричиќ, откривајќи дека наскоро во јавноста ќе биде презентирана новата методологија, според која ќе се оценува дали законски и согласно постоечките правила судиите и обвинителите си ја вршат работата.

Најавата за стартот на „чистката“ следува откако Судскиот совет извести дека утврдил несовесно и нестручно вршење на функцијата за двајца судии од Охрид, при што на едната судијка и е дури и забрането да ја врши дејноста до моментот кога одлуката ќе биде правосилна, а неофицијално, вториот судија веќе подолг период не постапува по предмети, затоа што претходно заминал во пензија.

Според членовите на Советот посочената судијка, Весна Кичеец, го „влечкала“ предметот за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски, кој беше претепан до смрт за време на прослава на новогодишната ноќ во 2016 година, па така, на обвинетиот српски државјанин Бојан Угриновиќ му истекол притворот и бил пуштен на слобода, по што и избегал. Оттогаш, сега веќе осудениот на казна затвор од 16 години за стореното убиство, не е достапен за македонските органи. Од друга страна, судијката Кичеец ги отфрла наводите за одолговлекувањето и евентуалните пропусти во нејзиното постапување, па најави жалба до Врховниот суд.

– За Ваша информација, првата моја одлука за Угреновиќ е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина и изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата, висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максималниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на 8 години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина не знам каде е мојата вина, изјави судијката за ТВ24.

Одговарајќи на новинарско прашање за разрешувањето на Кичеец, пак, министерот Маричиќ вели дека штом Судскиот совет се решил на ваков чекор сигурно имале силни аргументи.

-Ја поздравувам секоја одлука која има за цел да ја подобри ефикасноста, законитоста и праведноста во постапувањето на судиите и тоа е нивна одлука. Мислам дека Советот особено по новите стандарди од 2019 наваму, има јасни критериуми и сигурен сум дека ги разгледува соодветно и аналитично сите околности пред да донесе ваква одлука. Затоа што разрешувањето е крајната форма на одговорност, штом се одлучил на ваков чекор сигурно имале цврсти аргументи, но затоа постојат механизми за жалба, истакна Маричиќ.

Новиот начин на проверка на судии започнува од први јануари

Иако изминативе година и половина десетина судии се веќе разрешени од страна на Советот, министерот вели дека токму со овој случај започнува прочистување во судството, бидејќи сега се донесени сите подзаконски акти кои недостасувале и може непречено да се решава по жалбите за работата на судиите, додека пак за обвинителите ќе се почекало уште малку. Маричиќ откри дека неодамна Судскиот совет ја изгласал и долгоочекуваната нова методологија за проверка со која ќе се преиспитуваат постапките на судиите и сега, како што вели, се чека за методологијата да биде дадена поддршка и в понеделник од страна на Советот за реформи во правосудството.

– Ние имаме изработено интерен план за следење на работата на судиите, судовите и претседателите на судовите. Следењето ќе се врши преку можностите што ги имаме од Законот за Судски совет, но и со новиот интерен план, кој ќе започнеме да го применуваме од први јануари, па се до крајот на годината. Со него ни се дава можност за формирање тричлени комисии што ќе вршат проверки и испитување на конкретни судови, а во меѓувреме продолжуваме да работиме според методологиите за оценување, изјави првиот човек на Судскиот совет, Киро Здравев, кусо додавајќи дека нема да ја коментира најавата за жалба на судијката Весна Кичеец до Врховниот суд.

ОЈО ги привршува деталите за оценка на обвинителите

Во меѓувреме, иако се очекуваше товарот за проверката на обвинителите да падне на плеќите на Советот на јавните обвинители, оттаму велат тие сепак ќе останат второстепена инстанца.

– Советот на јавни обвинители во процедурата ќе постапува согласно надлежностите што веќе ги има според законот. Поголемиот товар за оценувањето е кај Основното јавно обвинителство, а ние остануваме второстепен орган, кога станува збор за случаи на дисциплинска постапка и постапка против приговори на постапување. Од причина што ќе немаме широк спектар на надлежности, со мнозинство гласови, беше решено дека нема потреба од донесување на нов план, туку обврските од методологијата ќе бидат инкорпорани во редовниот план, изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, поздравувајќи ја иницијативата за прочистување во правосудството.

Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, за Слободен печат потврдува дека наскоро и кај нив ќе бидат финализирани деталите.

-Кај нас процедурата околу методологијата е во завршна фаза на прецизирање. Во делот на надлежностите нема промени, бидејќи и досега оценката беше во рацете на јавните обвинители, но сега се прецизираат околностите по кои ќе се оценува, како и временските рокови. Она што ќе биде предмет на проверка веќе е познато од новиот Закон на ОЈО, но наскоро ќе биде утврдено и со нов правилник, открива Јовески.

Инаку, од Министерството за правда најавија дека деталите од методологијата за прочистување во правосудството ќе бидат соопштени во најкус можен рок, уште пред почетокот на новогодишните празници, со цел уште на почетокот од 2021 да се започне со проверката на работата на судиите и обвинителите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот