Од кога Ататурк е лошо момче?
Мустафа Кемал за релативно краток период успеа т.н. „источна деспотија“ да ја претвори во модерна и просперитетна држава, а во тој процес фесот беше заменет со „борсалино“, а марамите со дамски шешири. Наместо димии, истанбулските дами облекуваа фустани, а мажите костуми.
Кој е главен град на Турција? Истанбул. Кога бев помлад ова беше легитимна шега кога сакавме некого да збуниме. Бевме деца и немавме интернет, па ги учевме напамет главните градови на државите и сите знаевме дека Анкара е главниот град на Република Турција, а Истанбул, иако огромен, е само еден од градовите во оваа земја.
Препорачано
Слични финти се правеа со Сиднеј-Канбера, или Торонто-Отава, а во оптек беше раширено да побараш од некого трипати да каже „њу“, а потоа да го прашаш кој е главен град на САД.
Гледам новиве генерации на сличен начин се зафркаваат. Само наместо Истанбул и Анкара, тие ги мешаат Истанбулската конвенција и Ататурк. Преслатко.
„Јас со Истанбулската конвенција би работела на пример од кога е усвоен Истанбул. Тие промени како што биле во почетокот, сега многу работи се сменија. Порано за време на Ататурк имало забрана да одат, еве ‘забулени‘. Секој има право да оди на работа, училиште, како што сака. Не да се дискриминираат луѓето или тие жени што носат марама или се од друга етничка припадност или од друга раса. Мислам дека ако се гледа од тие години како што било порано, сега имаат малку пошироко поле. Имаат повеќе слобода што секој може да се изрази. Така што, јас ова вака би го продолжила како што е сега моментално во Истанбул“, гласеше одговорот на кандидатката за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, извесна Џихан Ахмед, даден на прашањето поставено од претставникот на НВО-секторот, за тоа кои аспекти од Истанбулската конвенција таа ќе се залага да бидат вметнати во антидискриминаторската политика.
Значи воопшто не бев изненаден што таа не знае што е Истанбулска конвенција, ниту, пак, бев изненаден што таа се кандидирала за оваа позиција, иако не ги исполнувала условите. Не ме изненади ни нејзината јавно истакната благодарност до вицепремиерот Изет Меџити, иако барем декларативно, за член на Комисијата се избираат непартиски личности. Сигурен сум дека и другите кандидати се „партиски војници“. Воопшто не ме изненади ни моментот кога Ахмед, говорејќи од собраниската говорница, кога требаше нели да се претстави и да ја каже сопствената визија за антидискриминаторската политика, ниту еден од присутните пратеници не се изненади од одговорот и не ја прекори за очигледното незнаење што е тоа Истанбулска конвенција и дека тоа не се меша со Ататурк. Веројатно и тие мислат слично или можеби не. И не се изненадив поради тоа што таа ја повлече кандидатурата, само поради силниот притисок од јавноста, кога на социјалните мрежи се појави видеото со нејзиното излагање. Тоа така обично и бива, бидејќи кога ќе тргне „лавината“ од мемиња на интернет, тогаш партиските мешетарења запираат.
А не се изненадив ни што јавноста така реагираше, бидејќи сеирот е главната алатка на електоратот помеѓу два изборни циклуси. Исто не се изненадив ни од реакцијата на медиумите, кои потрчаа да објаснат што е тоа Истанбулска конвенција, па да поентираат на фактот дека таа немала никакво искуство во антидискриминаторска дејност. Не, ништо од тоа не ме изненади, бидејќи сето ова веќе сме го виделе претходно.
Ме изненади единствено тоа што некој денеска мисли дека Мустафа Кемал Ататурк е негативен лик! Дека има и такви, а испадна дека не се малку, таткото на „модерна Турција“ го сметаат за пример за дискриминација. Дека „кемализмот“, како исклучително просветителски идеолошки правец ќе биде сведен на „забрана за забулени“, за мене, еве признавам, делуваше изненадувачки.
Ататурк за релативно краток период успеа т.н. „источна деспотија“ да ја претвори во модерна и просперитетна држава, а во тој процес фесот беше заменет со „борсалино“, а марамите со дамски шешири. Наместо димии, истанбулските дами облекуваа фустани, а мажите костуми. И да, во тоа време се јавува силен отпор, како што секогаш и се случува кога традиционалното општество се судира со модерното.
Но, изјавата на Ахмед беше дадена во 2026 година, во времето кога и Македонија и Турција живеат во ерата на постмодернизмот. Никој тука не го спори правото на некоја жена да се забули, но тоа не треба се меша со некаков напредок, и да се прават компарации „со времето на Ататурк во Истанбул“.


