Од јуни попусти за младите: Ќе се спроведува проектот „Младинска картичка“

Фото: МИА

– Очекуваме во јуни да почне имплементацијата на проектот „Младинска картичка”. До крајот на овој месец ќе објавиме повик за да аплицираат младите. Го имаме направено дизјанот на картичката и очекувам најмалку триесетина илјади млади да аплицираат за да можат да ја добијат и да имаат соодветен попуст. Картичката е наменета за сите млади на возраст од 15 до 29 години зошто заслужуваат да имаат подобро секојдневие, поволности и бенефиции. Ова е една од мерките што е во насока да ги задржи младите, да им понуди квалитетен живот со цел да почнат да размислуваат и да останат во државата –  изјави за МИА директорот на Агенција за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски.

Проектот „Младинска картичка”, како што рече, го најавивме кон крајот на 2018 година и е резултат на повеќе средби што ги имавме со младинските организации, каде ни беше посочено дека тоа недостига во нашата држава, а во сите западноевропски држави постојат бенефиции и можности за младите.

– Сакаме да покажеме дека државата се грижи за младите, гради стратегија, има проекти и мерки за да им се олесни нивното секојдневие – посочи Каевски. Додаде дека од ноември се преземени доста активности, а во моментов има од 300 до 500 субјекти: кафулиња, ресторани, театри, киносали, транспорт, железница и други кои ќе дадат одредени попусти во нивните услуги. АМС има склучено Меморандум со сите овие субјекти и ќе им биде дадена една налепница што ќе ја залепат на своите објекти.

Каевски информира дека таа ќе биде и европска картичка, односно младите ќе можат да уживаат во поволностите и во другите европски држави. Очекува од година во година да се надградува. Се разговара со Министерството за образование и наука по неколку години да може да биде и платежна картичка, да може студентите да добиваат стипендии на неа, да има преку неа и субвенционирани оброци и други мерки што ќе се преземаат од година во година.

Тој нагласи дека картичката е бесплатна. Повикот ќе биде за да се пратат податоци за младите луѓе и фотографија. Донесена е одлука на Влада во проектот дополнително да се вклучат сите институции, како министерствата за образование и наука, за транспорт и врски, за култура…

Со Каевски разговаравме и за изградбата на базените и ни објасни дека од првично најавените 29 заклучиле дека е потребен помал број или 14 базени во поголемите центри за да бидат рентабилни и затоа се мали реонски базени. Одлуката ја донеле по разговорите со спортисти, спортски работници, вработени во образованиот процес, странски експерти, професори од Словенија и Италија. Базените ќе бидат со должина од 25 метри, каде ќе може да има и официјални натпревари. Длабочината ќе биде од 0,90 од 1,40 метри што не опфаќа голема количина на вода за дополнително загревање и дополнителни трошоци.

Целта на проектот е децата уште од основно образование да имаат еден час по пливање во рамки на физичкото образование. Базените ќе се градат во најголемите општини и една од препораките што ќе биде дадена од АМС ќе биде и останатите училишта што гравитираат околу тоа најголемо училиште во општината, да може да се организира транспорт за да доаѓат за да може да имаат еден час по пливање.

– Сега сме во фаза на избирање најдобар изведувач, ќе се распише повикот за изведувач и очекувам во јуни да почне да се гради. Парите се обезбедени за четири години. Целта е секое дете да може да научи да плива –  рече Каевски, додавајќи дека не градат како во минатото што се градело, без анализа и без план. Според него, важно е децата да спортуваат од најмала возраст, да го засакаат спортот и да се отстранат деформитетите и да имаме здрава нација.

Базени ќе добијат општините Ѓорче Петров, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Чаир, Штип, Битола, Струмица, Прилеп, Тетово, Гостивар, Кичево, Велес и Неготино. По изградбата базените би останале во владение на општината која ќе може да ги даде под концесија, да ги предаде во комерцијална употреба, но сето тоа по 16 часот. До 16 часот тие ќе функционираат за потребите на училиштето и за потребите на околните училишта што гравитираат околу базените.

Каевски најавува дека има идеја за тандем професори во основното образование, односно покрај постојниот да се вработи уште еден професор, кој е од спортот. Ако нема загуби, ако се добие посакуваниот ефект од оваа мерка, тој најави дека ќе градат базени и во помалите средини.

Каевски најавува реконструкција на спортската инфраструктура и градење две сали за боречки вештини, една во Скопје и една во Штип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот