Од детската стоматологија до кардиологија: Како кариесот кај најмладите може да го оштети срцето во зрелоста?
Расипаните заби и крвавите непца се честа појава кај децата во Данска, а едно ново истражување ги поврза овие проблеми со срцеви заболувања долго откако ќе отпадне и последниот млечен заб. Децата кои имаат повеќе кариес или страдаат од тежок гингивитис покажуваат значително поголема зачестеност на мозочен удар, срцев удар и заболувања на коронарните артерии во зрелата возраст.
Препорачано
Ова е заклучокот од новата студија објавена во списанието „Меѓународно списание за кардиологија“ (International Journal of Cardiology), соопштија од Универзитетот во Копенхаген.
Истражувачите анализирале податоци за 568.000 деца родени во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век од Националниот регистар за детска стоматологија на данската здравствена управа и ги споредиле со податоци за кардиоваскуларни заболувања од Националниот регистар на пациенти до 2018 година, кога овие лица веќе биле возрасни.
Анализата открила впечатливи обрасци. Децата со бројни кариеси имале до 45отсто поголема зачестеност на кардиоваскуларни заболувања во зрелата возраст во споредба со оние со малку кариес. Кај децата со тежок гингивитис, зачестеноста била до 41отсто поголема. Бројките варираат во зависност од полот, но трендот е јасен кај двете групи. Дополнително, ризикот се зголемувал како што стоматолошките проблеми се влошувале во текот на детството.

Што ја објаснува оваа поврзаност?
Истражувачите не можат со сигурност да утврдат причинско-последична врска, бидејќи студијата идентификува статистичка корелација, а не директна причина. Една од теориите, сепак, укажува на воспалението.
„Се сомневаме дека изложеноста на високо ниво на воспаление во форма на заболувања на непцата и кариес уште во детството може да влијае на тоа како телото подоцна реагира на воспалителни процеси“, изјави Николина Нигард, од Одделот за стоматологија при Универзитетот во Копенхаген и една од авторките на студијата.
Оваа теорија е поддржана и од други истражувања што пронашле поврзаност меѓу пародонтитисот и кардиоваскуларните заболувања. Според извештај на „World Heart Federation“, постојат цврсти докази дека пародонтитисот го зголемува ризикот од срцеви болести, бидејќи бактериите од заболени непца можат да предизвикаат системско воспаление и да ја забрзаат атеросклерозата.
Во друга студија, објавена во списанието „Acta Diabetologica“, Нигард и нејзините колеги ја испитувале врската меѓу оралното здравје и дијабетесот тип 2. Резултатите покажале дека децата со тешко заболување на непцата имале до 87 отсто поголема зачестеност на дијабетес тип 2, додека кај оние со бројни кариес ризикот бил зголемен за 19 отсто.
Истражувачите посочуваат дека начинот на живот веројатно игра значајна улога, па затоа податоците биле адаптирани според нивото на образование, кое генерално е поврзано со поздрав и подолг живот. Сепак, и по оваа корекција, зголемената зачестеност на кардиоваскуларни заболувања останала изразена.
Иако студијата не докажува директна причинска врска, таа укажува на значаен потенцијал за превенција. Ова е особено важно ако се земе предвид дека детскиот кариес е една од најраспространетите болести во светот, а и кариесот и заболувањата на непцата можат релативно лесно да се спречат со темелна и редовна орална хигиена.


