Обвинителството пред неколку недели влегло во Министерството за здравство да бара дополнителни документи за модуларните објекти

Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

„Слободен печат“ од свои извори во Министерството за здравство дознава дека пред неколку недели Обвинителството за гонење организиран криминал барало дополнителни документи од Министерството за здравство, а поврзани со модуларните објекти, откако новинарите на ИРЛ имале средба со обвинителите. Ова потврдува дека предистражната постапка е уште во тек и не е затворена, а ја води истата обвинителка.

Фирмата „Брако“ на Кочо Анѓушев ја изградила модуларната болница во која изгореа 14 сограѓани во Тетово, според технички спецификации од архитектката Вања Андонова, кои пак довеле до супстандардна градба, во која секој дел од монтажната болница преку тендерот бил набавуван како да е „стока“, заобиколувајќи се притоа Законот за градба и Законот за здравствена заштита, објави ИРЛ.

Според документарецот, тендерот за модуларните болници всушност не бил за времен објект болница, туку посебно се барале подови, врати, прозорци и панели, а техничката спецификација на Вања Андонова им давала алиби на институциите да не ги третираат болниците како да се објекти. Таа пред една година преминала да работи од Министерството за здравство во „Брако“.

Дополнително, во истражувањето на ИРЛ се презентираше и германското вештачење на експертите, според кое причина за брзото ширење на пожарот е поголемата концентрација на кислород, изолациониот материјал кој бил од полиуретан што се распаднал во отровни гасови кои потоа побрзо гореле искомбинирани со кислородот, но и тоа што немало противпожарни прегради кои би го спречиле понатамошното проширување на огнот, или во најмала рака би го отежнале неговото проширување.

Проширувањето на пожарот било потпомогнато и од отворената конструкција на градбата во поткровјето.

ИРЛ тврди дека ова вештачење не било презентирано во судската постапка што се одвиваше пред тетовскиот суд, но Обвинителството го демантира тоа.

„Апсолутни невистини се наводите дека вештачењето од германските експерти воопшто не било изложено како доказ во судската постапка. Службената експертиза од Форензичкиот институт при Сојузната криминалистичка служба и лабораторија од Германија е составен дел од доказниот материјал. Тој уредно беше доставен до странките во постапката и јавно беше изведен како доказ пред судот. Судските рочишта за овој предмет беа отворени за јавноста па оттаму изнесувањето на вакви невистини е целосно тенденциозно“, велат од Обвинителството.

Поранешната обвинителк,а Лејла Кадриу, која на почетокот работела со тетовските обвинители на случајот, во истражувањето на ИРЛ го нарекува истиот „четиринаесеткратно убиство“ затоа што, како што рече – некој со умисла не градел како што треба и не го спровел законот.

Електротехничкиот факултет направил свое вештачење, во кое констатирал дека „Брако“ ги запазил сите стандарди во согласност со барањето на Министерството за здравство и тоа вештачење превладало да не се бараат виновниците меѓу владата, Министерството за здравство и изведувачот „Брако“, констатира ИРЛ во документарецот.

Според Лејла Кадриу, градбата била без елаборат за електрична енергија и без елаборат против пожар и дека работел според некаква шема.

-Не може да се дозволи да се гради без да се почитува Законот за градба. Јас наредив да се изготви вешто мислење од експерт по електротехника и кога дојде вештачењето беше наведено дека причинско последична врска за настанувањето на пожарот е лошо инсталирана електрична енергија.

Колегите обвинители од Скопје предложија да се направи уште едно вештачење на Електротехничкиот факултет во Скопје. Не може да има две вистини. Има само една вистина.

Доколку Електротехничкиот факултет имал спротивно мислење задолжително морало да се направи и трета експертиза. Ако има причинско последична врска меѓу лошо инсталираната електрична инсталација и пожарот, тогаш обвинението треба да оди кон тоа кој ја спремил спецификацијата, кој бил одговорен, кој го објавил огласот, кој го спровел.

Каква одговорност може да има медицинскиот директор или економскиот директор затоа што нарачателот и извршителот не го спровел законот и градел незаконски? Нарачател е Владата, изведувач е „Брако“. Причинско последичната врска за настанување на пожарот е лошо инсталирана електрична енергија. Тоа е таа група која подлежи на одговорност, изјави Кадриу.

Од Обвинителството велат дека нема спротивставеност меѓу вештачењата на крим-техника и на германските експерти и реагираат на насловот на документарецот „убиство во Тетово“.

Според обвинителството ниту еден доказ во предметот не укажува на кривично дело убиство. Оттаму се спротивставуваат на изјавата што во документарецот ја даде поранешната обвинителка Лејла Кадриу, која го нарече случајот 14-кратно убиство и тврдат дека кредибилноста на Кадриу е нарушена како извор, затоа што е разрешена од Советот на јавни обвинители заради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

„Целосна невистина е правната квалификација на делото, односно се тврди дека поднесеното обвинение воопшто не се однесува на пожарот во модуларната болница. Напротив, во самото обвинение кое обвинителството им го достави на новинарите на ИРЛ стои дека двајца од обвинетите, иако биле должни да имаат соодветни уреди, инсталации за заштита од пожари и експлозии, противпожарна опрема, од пуштањето на болницата во употреба до денот на пожарот не поставиле такви уреди во болницата со што сториле тешки дела против општата сигурност.

Третиот обвинет како одговорно лице дозволил влез на неовластени лица, членови на семејствата на болните од Ковид 19 како придружници во модуларната болница и се товареше за непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, велат од Обвинителството.

Градежниот инженер Неџат Бајрами во документарецот вели дека е крајно изненаден што во тендерската документација било пропишано да се користат сендвич панели од полиуретан.

– Малку потешко доаѓа до горење на полиуретанот, но ако се создадат услови за горење на истиот, тој материјал многу брзо согорува. Не е само пожарот ризик за луѓето туку и чадот предизвикан од горење на пур панели кој содржи токсични материи, изјави тој.

Докторот по технички науки и вештак, Ирфан Шакири за потребите на судското вештачење констатирал дека целата постапка за изведување на електричната инсталација во тетовската модуларна болница е изведена надвор од прописите и потребните правилници.

Според него, воопшто објектот не би требало да биде ставен под напон. Според ИРЛ електричната инсталација била поставена од страна на вработен во „Брако“ кој немал лиценца од Комората на овластени архитекти и инженери, а не бил тестиран ни орманот со осигурувачи (осигурувачот при горењето не се спуштил и за време на пожарот доаѓало до експлозии поради присуството на електрична енергија во болницата).

Според истражувањето на ИРЛ, ЕВН не го приклучувала објектот на електрична енергија, туку тоа го правеле вработените во тетовската болница. До пожарот дојде кога на девојче болно од церебрална парализа и ковид во исто време, доктори и сестри во модуларната болница се обидуваа да му го спасат животот, со користење на дефибрилатор и кога настана искра во продолжниот кабел од која болницата изгоре за четири минути.

„Иако се знае дека дефибрилаторот при активирање повлекува поголема јачина на електрична струја, сепак со правилно димензионирање на целата електрична инсталација и што е најважно, со имплементирање на стандарди за ваков тип на објекти, секако не би се случило палење на кабелот и не би настанал пожарот во модуларната болница во Тетово“, пишува вештакот Ирфан Шакири во своето вештачење.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, му наложил на основниот јавен обвинител од ОЈО Тетово да побара од Апелација да се одржи јавна седница на која уште еднаш пред целата јавност ќе бидат изложени сите докази од првостепената постапка.

Откако тетовската болница изгоре, Министерството за здравство потпишало анекс на договорот за изградбата на трите модуларни амбуланти во Скопје, со кои тие станале посигурни и внатрешно зајакнати со стаклена волна и огноотпорни гипсани плочи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот