Обид за спас за природата: По климатските промени, фокусот на ОН е на флората и фауната

Носорог/ Фото: PA Images / Alamy / Alamy / Profimedia

Една од клучните конференции за природата, која од денеска се одржува под покровителство на ОН во Монтреал, има за цел да склучи нов глобален договор со кој би се заштитило она што останало од дивите видови на Земјата и нивните живеалишта.

Преговарачите се надеваат дека двонеделниот самит, познат како КОП15, ќе донесе договор што ќе гарантира дека во 2030 година ќе има повеќе „природа“, односно животни, растенија и здрави екосистеми, отколку што е сега. Сепак, како ќе се работи на овој напредок и како ќе се мери ќе треба да се договорат сите 196 влади кои се потписнички на Повелбата на ОН за биолошка разновидност (ЦБД).

Базиле ван Авр, еден од копретседавачите на групата задолжена за изготвување на договорот, признава дека тоа ќе биде тешка задача што ќе се обиде да ја реши со поставување нови цели.

Самитот, кој започнува денеска и ќе трае до 19 декември, ќе собере повеќе од 10.000 учесници, меѓу кои и владини претставници, научници и активисти.

Сепак, за разлика од климатските преговори на ОН, на состанокот во Монтреал ќе учествуваат само неколку водечки светски лидери, а премиерот на земјата домаќин Џастин Трудо само спорадично ќе се појави, што, сметаат преговарачите, сигурно нема да помогне да се постигне амбициозен договор.

Трудо на КОП15/ Фото: Chiasson Paul/CP/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Овој состанок е продолжение на долгорочните преговори и повици на експертите за заштита на природата и бизнис секторот да се заштитат природните ресурси и да се запре, како што го нарекуваат научниците, шестото масовно истребување.

Најновите извештаи на ОН покажуваат дека до 2100 година, 50 отсто од африканските видови птици и цицачи би можеле да исчезнат. Во моментов, повеќе од еден милион видови се под закана од исчезнување и исчезнуваат со брзина што не е забележана во последните 10 милиони години. Според проценките на ОН, дури 40 отсто од копнената површина на планетата се смета за „оштетена“.

„Владите треба да усвојат јасна и итна мисија не само да го запрат, туку и да го сменат трендот на губење на биолошката разновидност до 2030 година“, рече Ева Забеј, извршен директор на Бизнис за природата, глобална коалиција на бизниси и групи за заштита.

Таа повикува на амбициозен и спроведлив договор, сличен на Парискиот договор за климата и предупредува дека „не можеме да си дозволиме да го губиме овој историски момент“.

Разговорите на ОН за биолошката разновидност никогаш не го привлекоа истото внимание како годишниот самит на ОН за климатските промени, иако е јасно дека заштитата на природата и контролата на климатските промени одат рака под рака. Здравите екосистеми, како што се шумите и коритото на морска трева, се клучни за контрола на глобалното затоплување.

Нова надеж за спас на Амазон

Во исто време, порастот на глобалната температура претставува закана за бројни екосистеми и видови кои не можат брзо да се прилагодат или да се преселат во постудените климатски области. ОН се надеваат дека ќе ги убедат земјите да се обврзат да заштитат најмалку 30 отсто од нивната копнена површина и 30 отсто од нивната подводна површина до 2030 година. Станува збор за т.н на глобалната кампања 30 – 30.

Сегашната ситуација покажува дека само 17 отсто од светската копнена површина и помалку од осум отсто од океаните се донекаде заштитени. Непроменетите шуми во светот се исклучително важни за зачувување на биолошката разновидност и борба против климатските промени, а овие области се некои од последните места на Земјата кои сè уште имаат изобилство на видови на речиси природно ниво.

Протести во Бразил за зачувување на Амазон/ Фото EPA-EFE/ADAM BERRY

За жал, студијата на меѓународното здружение за заштита на диви животни (ВЦС) и Светската организација за заштита на природата (ВВФ) открива поразителен факт, а тоа е дека речиси 20 проценти од тропските шуми се преклопуваат со концесиите на компаниите за експлоатација, како на пример оние кои се занимаваат со рударство и експлоатација на нафта и гас.

Тоа е област со недопрени тропски шуми со вкупна површина од 975.000 квадратни километри, приближно колку Египет. Најголем дел од овие концесии се на рударски компании (11,33 отсто од споменатите површини), додека 7,85 отсто од вкупната спомената површина на овие тропски шуми се на компании за експлоатација на нафта и гас.

И покрај големото значење на овие шумски површини за биодиверзитетот и човештвото, нивната површина се намалува со алармантна брзина. Само од 2000 до 2013 година, повеќе од седум проценти од таа скапоцена површина биле изгубени.

Покрај заштитата на копнените површини и морето, една од 22-те цели на самитот во Монтреал вклучува и намалување на употребата на пестициди и негирање на околу 500 милијарди долари субвенции за активности кои и штетат на природата.

Како што сега стојат работите, има спорови околу сто точки. Најтешко, се чини, ќе биде прашањето за финансирање на сиромашните земји за да можат да ги обноват оштетените области и одредувањето на рокот за постепено укинување на пестицидите.

„Има многу работи за кои не е договорено. Тоа ќе биде предизвикувачки процес“, рече Сју Либерман, потпретседател на непрофитното здружение за заштита на дивиот свет. Договорено е, сепак, околу Конгресната палата, каде што се одржува самитот, да се подигне ограда висока три метри, како заштита од можни протести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот