ИНФОГРАФИК: Празни ветувања и опасни предупредувања – Клучните поенти од Самитот КОП27

Климатски промени/ Фото AA/ABACA / Abaca Press / Profimedia

Како што беше и очекувано, најголемите загадувачи во светот не успеаја да усвојат некои позначителни мерки во борбата со климатските промени

Климатските промени се глобален проблем. На Самитот КОП27 кој се одржа во луксузниот египетски град Шарм ел-Шеик требаше да се донесат појасни визии за тоа како светот ќе се бори со климатските промени за кои експертите постојано предупредуваат дека ќе ја втурнат планетата во едно опасно место за живеење.

Празните ветувања на светските сили дека „ќе преземат повеќе“ во борбата со овој проблем повторно беа повторени во изминатава недела.

Топењето на глечерите, нечистиот воздух, горењето на шумите, гладот, сиромаштијата и глобалното затоплување се предизвиците кои беа поставени пред лидерите на Г20, иако тие веќе добро им се познати.

Глобалното затоплување

Топлиот октомври повторно го постави прашањето за глобалното затоплување.

Претходно оваа недела, Службата за климатски промени Коперник, институт финансиран од ЕУ кој ја следи климата во име на Европската комисија, објави дека Европа го доживеала најтоплиот октомври досега, со температури за речиси 2 степени над просекот во изминатите 30 години.

Имајќи предвид дека 2022 година веќе е на пат да стане шеста најтопла година пред октомври, сега може безбедно да се претпостави дека непожелната топла низа на планетата нема да заврши оваа година.

Според Националната управа за океани и атмосфера (НООА), последните осум години биле најтопли досега, односно од 1880 година, со глобални средни температури на површината (копно и море) кои се разликуваат од 0,82 до 0,99 степени Целзиусови од просекот во 20 век.

Како што се надува во инфографикот, постои јасен тренд на затоплување на температурите во секоја од изминатите 45 години кои го надминуваат просекот од 20 век. Спротивно на тоа, првите 59 години од периодот на одбележување (т.е. 1880-1938) забележале глобални температури на копното под просекот од 20 век од 13,9 степени Целзиусови.

Обработка на податоци: Никола Колев

Светските сили уште прават премалку за климатските промени

На 6-ти ноември светските лидери се собраа уште еднаш за да разговараат за климата. Минатата година ова време, сите погледи беа вперени во Глазгов, Шкотска, на самитот за климата на ОН, КОП26.

Напредокот од Глазгов е разочарувачки, како што се наведува во најновиот Извештај за јазот на емисиите од Програмата за животна средина на ОН.

Ова ги зема предвид сите нови национални климатски ветувања и политики од тој самит и ги преточува во идните намалувања на емисиите на стакленички гасови. Извештајот открива дека само 0,5 милијарди тони се намалени од минатогодишниот јаз од 17 до 20 милијарди тони помеѓу тоа каде би требало да биде годишната стапка на емисии на јаглерод диоксид во 2030 година за да се понуди пристојна шанса за ограничување на затоплувањето на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските температури, и она што е имплицитно во политичките ветувања на маса, пишува „Економист“.

Климатски промени/ Фото: WLADIMIR BULGAR / Sciencephoto / Profimedia

Поголем дел од намалувањето доаѓа од поактивните климатски политики на новата австралиска влада.

Од другите членки на групата Г20 со значителни економии, само Индонезија и Јужна Кореја ги зголемија своите климатски амбиции. Ситуацијата во Бразил уште толку се влоши.

Моделите проценуваат дека доколку се исполни секоја национална цел за климата за крајот на оваа деценија, тогаш просечните глобални температури би се зголемиле за 2,4 Целзиусови степени до 2100 година. Постоечките климатски политики – вистинска акција, не само ветувања – се еднакви на 2,8 Целзиусови степени затоплување до 2100 година.

Гладот и бедата

Војната во Украина ни покажа колку навистина се кревки глобалните синџири на снабдување.

Испораката на пченица, која е од суштинско значење за безбедноста на храната на заедниците во многу делови од светот, беше особено погодена и имаше ефект во другите земји, зголемувајќи ги цените и влошувајќи ги претходните кризи преку недостиг на храна.

Ако се додадат на тоа и влошените влијанија од климатските промени, прашањата за безбедноста на водата и храната станаа неизбежна грижа во се поголем број земји ширум светот.

Податоците од Глобалното истражување на потрошувачите на „Статиста“ покажуваат дека повеќе од половина од испитаниците (54 проценти) во Јужна Африка сметаат дека снабдувањето со храна и вода е еден од најголемите предизвици за нивната земја, проследено со околу 40 проценти во Мексико и 33 проценти во Бразил.

Безбедноста на храната и водата е исто така загрижувачка во Европа, при што околу еден од пет луѓе ја наведуваат како сериозна загриженоста во Британија, Франција и Шпанија. Во меѓувреме, во САД, околу 27 отсто од испитаниците рекле дека тоа е клучна грижа.

Шумските пожари

Бројот на пожари во тропските шуми останаа висок минатата година, и покрај обврските од различни компании и влади за спречување на уништувањето на шумите.

Според податоците од Универзитетот во Мериленд, достапни на платформата Глобал Форест Воч, во 2021 година тропските предели изгубиле 11,1 милиони хектари дрвја, површина со големина колку Куба.

Од оваа вкупна загуба на дрвја, 3,75 милиони хектари одговараат на примарни тропски шуми, области од клучно значење за складирање на јаглерод и биодиверзитет. Според платформата за мониторинг на шумите, загубата на примарните тропски шуми во 2021 година генерирала 2,5 милијарди тони емисии на јаглерод диоксид, што е еквивалентно на годишната емисија на Индија од фосилните горива.

Нова надеж за спас на Амазон

Нивото на примарната загуба на шумите во тропските предели остана конзистентно во последните четири години. Иако тропските предели изгубија 11 отсто помалку шуми во 2021 година во споредба со претходната година, тоа следеше по 12 отсто зголемување на загубата помеѓу 2019 и 2020 година, главно поради зголемувањето на загубите поврзани со пожарите.

Бразил е земја во светот со најголемо количество примарни шуми, а воедно и земја која бележи најмногу загуби од овој тип. Минатата година само во таа земја се случија повеќе од 40 отсто од вкупната загуба на примарните тропски шуми во светот. Земјата загуби 1,5 милиони хектари, а најпогодена е регионот на Амазон.

Ограничување на глобалната температура

Светските лидери на самитот на Г-20 се согласија да продолжат со напорите за ограничување на порастот на глобалните температури до 1,5 степени Целзиусови, вклучително и забрзување на напорите за постепено укинување на употребата на јаглен.

Колку од ова навистина ќе се оствари во наредниве години останува да видиме.

„Решени сме да продолжиме со нашите напори да го ограничиме зголемувањето на температурата на 1,5 степени Целзиусови. Ова ќе бара значителни и ефективни активности и посветеност од сите земји“, се вели во соопштението објавено на крајот од самитот.

Во декларацијата се споменува и потребата да се забрзаат напорите за постепено намалување на употребата на енергијата од јаглен, во согласност со националните околности, и согледување на потребата за поддршка на праведните транзиции.

Светски лидери г20/ Фото: EyePress News / Shutterstock Editorial / Profimedia

Голем проблем со глечерите

Огромни количини бактерии би можеле да завршат во светските мориња поради топењето на глечерите, предупредуваат научниците. Меѓу нив може да се најдат потенцијално опасни патогени, јавува Би-Би-Си.

Глечерите се големи маси на мраз формирани во текот на стотици или илјадници години, а поради климатските промени тие сега се топат со алармантна брзина. Поради нивното топење порасна и нивото на морето.

Истражувачите од Универзитетот Абериствит ја проучувале водата од глечерите низ Европа, Северна Америка и од две локации во Гренланд.

Глечер/ Фото: Dod / Zuma Press / Profimedia

Тие велат дека нивната студија уште еднаш покажала дека мора да се справиме со климатските промени што е можно поскоро. Истражувачкиот тим проценува дека во текот на следните 80 години, повеќе од 100.000 тони микроби би можеле да бидат ослободени во водата.

Тој број може да се спореди со бројот на сите човечки клетки на Земјата.

Микробиологот д-р Арвин Едвардс изјави дека ова истражување за прв пат покажало колку микроорганизми всушност се „заробени“ во глечерите.

„Бројот на ослободени микроорганизми ќе зависи од тоа колку брзо ќе се стопат, односно колку брзо ќе се загрее планетата“, додаде тој.

Пресметките на тимот се засноваат на „умерено“ сценарио за затоплување, развиено од меѓународниот панел на експерти за климата на ИПЦЦ. Тие проценуваат дека температурата на Земјата во просек ќе се зголеми за 2 до 3 Целзиусови степени до 2100 година.

Зголемувањето на протокот на вода од глечерите во светските реки, езера и мориња може значително да го влоши квалитетот на водата, објаснува Едвардс. Но, по неколку децении глечерите целосно ќе се стопат.

Тој вели дека има илјадници микроорганизми во глечерите, од кои некои би можеле да бидат опасни за луѓето.

„Ризикот од ова е многу мал, но сепак треба детално да се истражи“, заклучува тој.

Емисиите на јаглерод диоксид

Една од главните точки на разговор на КОП27 беше прашањето за „загубата и штетата“, прашање за кое земјите во развој долго се залагаат, бидејќи гледајќи реално на работите, тие се меѓу најранливите на влијанијата на климатските промени и најмалку се способни да се прилагодат.

Фактот што овогодинешниот самит се одржува на африканскиот континент додава тежина на повиците за климатска правда, што резултира со тоа што ова прашање за првпат се става на формална агенда.

Според Меѓународната агенција за енергетика, Африка има помалку од 3 проценти од емисиите на јаглерод диоксид во светот до денес, но е несразмерно погодена од ефектите на климатските промени, вклучително и воден стрес, недостаток на храна и екстремни временски услови.

„Има јасна разлика во вината и капацитетот“, рече претседателот Лазарус Чаквера од Малави, додека африканските лидери зборуваа на КОП27, нагласувајќи дека нивните земји немаат финансиски средства соодветно да се прилагодат или да ги ублажат ризиците поврзани со климатските промени.

Врз основа на проценките од Базата на податоци за емисии на Европската комисија за глобално атмосферско истражување (ЕДГАР), африканските нации се всушност најмалку виновни за акумулацијата на гасовите што ја задржуваат топлината во атмосферата, додека Соединетите Држави, Кина и Русија испуштаат најмногу јаглерод диоксид од 1970 година.

Обработка на податоци/ СП/ Никола Колев

„Златна треска“

Додека многу нации се обидуваат да ја намалат нивната зависност од руска нафта и гас, светот доживува „златна треска“ за нови проекти за фосилни горива, пишува „Гардијан“.

Сето ова нагласува дека човештвото мора да ја прекине својата зависност од фосилни горива.

Најсиромашните луѓе во светот ќе го сносат најголемиот дел од уништувањето предизвикано од сушата, топењето на мразот и неуспехот на земјоделските култури.

За да се заштитат овие групи од загуба на животи и средства за живот ќе бидат потребни пари. На земјите во развој, се вели во еден влијателен извештај, им требаат 2 трилиони долари годишно за да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се справат со климатскиот дефект.

Лидерски средби без никаква цел

Една од работите кои можат да се извлечат од овој самит се средбите меѓу светските лидери, кои како и обично, поминаа без некаква цел и заклучок.

Беше одржана првата средба лице в лице меѓу американскиот и кинескиот претседател Џо Бајден и Си Џипинг, како и меѓу рускиот и кинескиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и Ванг Ји.

Средба Бајден – Си/Фото: SAUL LOEB / AFP / Profimedia

Средбите поминаа тивко како и што се очекуваше. Надежите за мир во светот беа во преден план, а климатските промени како да беа и заборавени на овие средби.

Единствената надеж која останува е до наредниот ваков самит навистина да можеме да видиме напредок во борбата против климатските промени, која е премногу важна за да се запостави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот