НУЛА ДАНОК ЗА ОСНОВНАТА ХРАНА: Сметката од 1.050 денари денес треба да биде 1.000 денари

Фото: „,Слободен печат'' - Драган Митрески

Од УЈП велат дека граѓаните може да проверат дали во практика се спроведува оваа мерка, така што ќе проверат дали на фискалната сметка данокот е нула, или пак има ознака Г за производите што привремено се ослободени од оваа давачка кон државата.

Од денеска важи укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи. Во практика ова значи дека тие треба да бидат поевтини од вчера, кога за нив се пресметувал ДДВ од 5 проценти. На пример, ако за еден килограм јунешко, со ДДВ се плаќале 630 денари, од денеска таа цена би требало да биде 600 денари. Или за вкупно основни прехранбени производи за кои до завчера се дава 1.050 денари, денес треба да се олатат 1.000 денари.

Според одлуката на Владата, донесена на 12 март, привремено од данок на додадена вредност се ослободуваат: лебот, брашното од тип 400, шеќерот, сончогледовото масло, кравјото млеко со маснотии од 2,8 проценти, 3,2 и 3,5 проценти, месото, оризот и јајцата. Одлуката важи до 31 мај.

Од УЈП велат дека граѓаните може да проверат дали во практика се спроведува оваа мерка, така што ќе проверат дали на фискалната сметка данокот е нула, или пак има ознака Г за производите што привремено се ослободени од оваа давачка кон државата.

– УЈП спроведува контроли за спроведување на Законот за регистрирање на готовински плаќања, а во него се предвидени и санкции доколку во фискалната сметка ги нема сите елементи согласно Законот. Меѓу елементите е и пропишаната даночна стапка – објаснија од УЈП.

Според Закон за регистрирање на готовински плаќања, предвидената глоба за издадена фискална сметка без сите елементи е 2.500 евра во денарска противвредност.
За спроведување на одлуката за даночно ослободување на основната храна, се донесоа измени на Законот за ДДВ. Со овие измени се остави можност за интервенции во ДДВ за храна, секогаш кога е тоа неопходно.

„Во услови на природни и други непогоди во Република Северна Македонија, на прогласена воена состојба, на утврдено постоење вонредна или кризна состојба, кога настанале или би можеле да настанат сериозни нарушувања во снабдувањето на населението или нарушувања во други области кои го загрозуваат живот и здравјето на луѓето, сериозни нарушувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производство, преработка и за животот и здравјето на луѓето, како и во услови на потреба за обезбедување на производи и суровини, кои се од посебно стратешко значење за Република Северна Македонија, се ослободува од данок на додадена вредност прометот на производи за човечка исхрана. Владата на Република Северна Македонија на предлог на министерот за финансии поблиску ги определува видот на добрата од став (1) на овој член како и временскиот период на ослободувањето од плаќање на данокот на додадена вредност на добрата“, пишува во изменетиот Закон за ДДВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот