Новите искуства имаат лимен звук на „Скопски брас фестивал“

Единствениот фестивал кој го прославува звукот на лимените дувачки инструменти и има за цел да ја истакне и промовира нивната улога во музиката – „Скопски Брас Фестивал“ ќе се одржи од 3 до 5 јуни во камерната сала на Филхармонија.

Фестивалот ќе го отвори камерниот оркестар „Les étoiles“ (диригент: Ана Спасовска; солисти: Марио Јанковиќ и Стефан Илиев) на 3 јуни. Наредниот ден, публиката ќе има можност да го слушне неверојатниот унгарски тромбонист Ѓорѓи Живишијан, придружен од Шкељзен Бафтијари на пијано и Балкански тромбонски ансамбл. Додека пак, последниот ден е резервиран за „Брас на кирилица“, вечер посветена на македонски лимени состави.

Дополнително, во текот на сите три дена, во фоајето на НУ Филхармонија, од 10 до 15 часот, ќе може да се посети изложба на дувачки инструменти од брендовите на светски познатата компанија „Buffet Crampon“.

– Програмата на второто издание на „Скопски брас фестивал“ е искреирана со цел на посетителите да им овозможи да доживеат нови искуства и да се запознаат со лимените инструменти на сосема поинаков начин. Исто така, оваа година, на фестивалот се придружува еден од најреномираните и најголеми светски производители на дувачки инструменти „Buffet Crampon“. Благодарение на оваа соработка, добиваме можност да ги презентираме дувачките инструменти во вистинско светло – како уникатни уметнички дела, кои го прават животот побогат – изјави Александар Ниниќ, претседател на „Макбрас асоцијација“ и организатор на „Скопски брас фестивал“.

Настанот е поддржан од Министерството за култура, Град Скопје и „Макбрас асоцијација“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот