Нови правила за странските работници во Хрватска — што ќе значат за Македонците?
Македонците, кои се меѓу најбројните странски работници во Хрватска, ќе бидат опфатени со новиот Правилник за престој кој треба да стапи во сила неделава. Овој документ воведува строги стандарди за „хумано сместување“, задолжителни здравствени прегледи и заштита на работниците од превисоки наемнини, пишува „Дневник.хр“.
Препорачано
Работодавачите отсега се обврзани да обезбедат најмалку 14 квадратни метри простор за еден работник, додека за секоj следен човек површината мора да се зголеми за дополнителни шест квадрати. Во куќите е поставен лимит од најмногу десет работници на секои 150 квадрати, додека во становите од 56 квадратни метри можат да престојуваат најмногу осуммина луѓе. Работодавачите мора да гарантираат дека просторот има функционални електрични и водоводни инсталации, соодветен санитарен јазол, како и целосно одвоени простории за спиење и за подготовка на храна.
Новите правила товарот го ставаат врз газдите на фирми во Хрватска, кои ќе мора да ги обезбедат новите услови доколку сакаат да вработуваат странци. За македонските работници, ова може да значи дека ќе им бидат понудени нешто пониски плати, поради трошоците на кои ќе бидат принудени сопствениците на бизниси. Уште еден нов пропис може да ги засегне нашите работници во Хрватска – сите странски работници ќе мора да поднесат и документ со кој се докажува дека ги имаат примено сите вакцини, а доколку некоја им недостига според хрватската државна програма за вакцинирање, ќе можат да ја примат во државата.
Според државната секретарка во хрватското МВР, Ирена Петријевчанин, во текот на 2026 година најмногу работни дозволи добиле државјаните на Босна и Херцеговина, а веднаш по нив следуваат работниците од Филипините, Непал, Србија и Македонија. Новите правила, кои стапуваат во сила осум дена по објавувањето во службениот весник, имаат цел да ја спречат експлоатацијата на работната сила и да обезбедат соодветни услови за живот на над 105.000 странци со важечки дозволи во земјата.
Меѓу новите мерки е и ограничувањето на наемнината која ја плаќаат странските работници – таа веќе нема да смее да биде повисока од 30 отсто од платата на работникот.


