Новата директорка на „Козле“: Со медиумите ќе бидам транспарентна, оваа позиција е голем предизвик

Новоназначената директорка на ЈЗУ Клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, професорката Катерина Бошковска за „Слободен печат“ вели дека ова нејзино именување е голем предизвик и тимската работа и колегијалност ќе ги приоритетизира за да се обезбеди уште подобра здравствена заштита за најмалите пациенти.

-Со помош на моите колеги и соработници ќе успееме да се вратиме во нормала и да го издигнеме рејтингот за здравствена заштита на најмалите пациенти. Во последниот период работите излегоа од колосек но имам верба во тимот дека се ќе биде во ред, рече професорката. 

Во врска со соработката со медиумите, таа нагласи дека транспарентноста ќе ѝ биде врвен приоритет.

Министерството за здравство ја разреши од функција досегашната директорка на „Козле“ Каролина Симоновска откако „Слободен печат“ објави дека отпуштила од работа долгогодишна специјалистка по бронхоскопија, а лекарите од болницата повеќе пати до медиумите упатуваа писма во кои истакнуваа проблеми – како на пример дека бронхоскопскиот кабинет се распадна, дека меѓучовечките односи се за исклучително ниско ниво итн.

Вчера Симоновска депонираше изјава до медиумите, која беше осудена од сите професионални новинарски здруженија и оценета како цензорска, во која бараше да не се известува за нејзиното име и професионален ангажман што е неспоиво со јавноста на функциите платени од парите на граѓаните.

Новата директорка, професорката Катерина Бошковска, има дипломирано на Медицинскиот факултет во 2000 година со просек 9,3. Од ноември 2001 година е вработена во „Козле“. По завршувањето на специјализацијата по педијатрија во јули 2007 година работела на одделот за хронични белодробни заболувања кај предучилишни и училишни деца. Од 2013 година е шеф на отсек на истиот оддел. Од септември 2016 работи на Одделот за туберкулоза во детската возраст а од февруари 2020 е негов раководител. Во 2012 година има запишано трет циклус студии – докторски студии на Медицинскиот факултет во Скопје. По одбраната се стекнала со научен степен доктор на медицински науки – клиничка медицина од областа на педијатријата. Во 2013 година е избрана за асистент соработник на Медицинскиот факултет по предметот педијатрија, а во 2015 е избрана за докторанд по педијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје.

Во звање научен соработник е избрана во 2019 година, а во 2023 станува доцент. Од септември минатата година е вонреден професор на Медицинскиот факултет при УКИМ.

Во октомври 2021 ја започнала супспецијализацијата по педијатриска пулмологија а супспецијалистичкиот испит го положила во 2023 година со што се стекнала со звањето супспецијалист по педијатриска пулмологија.

Професорката Бошковска како специјалист педијатар и супспецијалист педијатриски пулмолог била и раководител на одделот за туберкулоза во детската возраст. Била заменик претседател на управниот одбор на „Козле“ од 2017 до 2021 година. Активно е вклучена во работата на Лекарската Комора на Македонија како член на Комисијата за полагање стручен испит.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот