Нова сликовница: „Девојчето и градот“ од Ване Костуранов
Новата книга за деца од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов, „Девојчето и градот“, излезе од печат во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Станува збор за трета сликовница од Костуранов, по успешните и наградувани „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“.
– Приказната настана во обид да се справам со сивилото на нашето секојдневие, посебно во зимскиот период, кога сите имаме горчливо чувство во устата од загадениот воздух. Од стравот дека оваа зима ќе биде уште подолга од претходната. Од градовите во кои доминираат сите можни нијанси на сивата боја, а зелените површини се метаморфираат во бетон. Од страшното сознание дека изгубивме целосен контакт со природата, а со тоа го изгубивме и контактот со себеси.
Градот во очите на девојчето е соголен од сите фасади, прикриени и невидливи работи, кои се наше секојдневие. Девојчето јасно го гледа градот кој е преполн со луѓе, а сепак, сите се осамени. Таа навидум доаѓа од и му припаѓа на градот, но таму не наоѓа ништо заедничко. Оваа приказна со години ми се моткаше во главата и почна да се појавува на моите слики уште пред неколку години, но, еве, сега дојде ред да ја раскажам и во форма на книга – објаснува Костуранов.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 25, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 април 2020)