Хемичар предупредува: Никогаш не носете нова облека без претходно да ја исперете – последиците можат да бидат сериозни
Многумина едвај чекаат да облечат нова маица или панталони веднаш штом ќе се вратат дома од продавница. Сепак, експертите од областа на текстилот и хигиената предупредуваат дека перењето на новата облека пред првото носење не е само препорака, туку важна хигиенска и здравствена навика, пишува „Консумерс репорт“.
Препорачано
Новата гардероба минува низ сложен и долг процес пред да стигне до купувачот – боење, хемиска обработка, сушење, пакување и транспорт, при што доаѓа во контакт со различни луѓе и се складира во разновидни услови.
Според Франсис Козен, доцент по хемија на Универзитетот Корнел, облеката може да содржи остатоци од хемикалии што се користат во производството, како сурфактанти, бои и формалдехидни фиксатори. Овие супстанци не исчезнуваат автоматски кога парчето ќе пристигне во продавница, туку можат директно да се пренесат на кожата.
„Кај лица со чувствителна кожа или алергии, овие остатоци можат да предизвикаат иритации, а во поретки случаи и кожни инфекции кои бараат долготрајно лекување“, изјавила таа.
Невидливи траги и микроорганизми
Освен хемикалиите, новата облека често доаѓа во контакт со други луѓе уште пред да ја купите – преку ракување во фабриките, складиштата или пробување во продавниците. Текстилните експерти посочуваат дека на ткаенините можат да останат микроскопски честички прашина, бактерии и други микроорганизми, кои обично се отстрануваат со едноставно перење.
Дополнителни придобивки од перењето
Според советите објавени од „Real Simple“, перењето пред првото носење има и други предности:
– отстранување на вишок боја што не е целосно фиксирана при боењето, особено кај темни и интензивни нијанси;
– подобрување на чувството на ткаенината, бидејќи водата и детергентот ги омекнуваат влакната кои биле затегнати за време на производството и транспортот.
Кога перењето може да се прескокне
Експертите наведуваат дека постојат исклучоци – облека означена како „само за хемиско чистење“ или парчиња што не доаѓаат во директен контакт со кожата. Сепак, овие случаи се ретки и не важат за поголемиот дел од секојдневната облека.
Дали ги перете фармерките премногу често? Еве кога е најидеално време да ги исперете


