Нова книга на Калина Малеска: Облици на моќ во современата книжевност

Издавачката куќа „Или-Или“ ја објави новата книга „Облици на моќ во современата книжевност“ на Калина Малеска. По збирката раскази „Мојот непријател Итар Пејо“ (2016) и книгата за деца „Арно ама“ (2018), ова е трета книга на Малеска во издание на „Или-Или“. Корицата ја изработи Марија Смилевска, а излегувањето на книгата е помогнато од Министерството за култура на РСМ.

Низ компаративна анализа на шест дела од современата литература: „Волшебникот“ од Џон Фаулс, „Деца на полноќта“ од Салман Ружди, „Кланица 5“ од Курт Вонегат, „Мојот Скендербеј“ од Драги Михајловски, „Мојата роднина Емилија“ од Влада Урошевиќ и „Она што беше небо“ од Владо Малески, авторката ги коментира облиците на моќ кои ги поседуваат ликовите во книжевноста и нивното влијание врз другите карактери, истовремено отворајќи и безброј други теми и поврзани релации.

Наведените книжевни мислители сметаат дека литературата има своја структура независна од општествено-политичката реалност, дека читањето поезија или приватните меѓучовечки односи не се израз на политички став. Таквото гледиште, според авторката се должи на тенденцијата за идеализирање на литературата; на неиздржаниот став дека може да постојат трајни вредности што не зависат ниту од времето во кое авторот творел ниту од местото каде што живеел; како и на стравот дека ако се признае дека книжевноста зависи од општествените околности, тогаш треба да се прифати дека не важат таканаречените „објективни“ критериуми за процена на едно книжевно дело.

Македонската писателка Калина Малеска предава утописка/дистописка литература и предмети од областа на англофонската книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот