Групната меѓународна изложба „Периферии“ ќе може да се посети во Охрид и во Струга

Плакат за изложбата „Периферии“

Во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид и во „Јуроп хаус Струга“ од 25 до 27 април ќе се одржи групната меѓународна изложба „Периферии“, која настана за време на триесетдневната резиденција на осуммина меѓународни уметници кои престојуваа во Охрид во април 2024 година, како дел од проектот „ПРОСПЕР: ПРОтотип за одржливи резиденции на ПЕРиферии“. За време на престојот тие се сплотија со околината и остварија интеракција со природата и со урбаното опкружување околу Охридското Езеро.

Идејата на резиденцијата беше да се инспирираат уметниците да пронајдат врски помеѓу нивната авторска практика и кревката околина на Охридското Езеро и неговите жители. Своите согледувања и инспирации тие ги изразија преку создавање фотографии, скулптури, композиции, поеми и интервенции на пронајдени предмети. Траги од нивното креативно истражување се изложени во рамките на групната изложба.

На изложбата може да се видат делата на Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер (Julia Eichler), Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи (во определен термин). Делови од програмата се случуваат и на самото езеро и во неговата околина.

Муралите на Марија Видовиќ може да се видат на повеќе локации во Охрид, а воденото медитативно звучно доживување на „The New Liquidity“ (Андерс Ехлин и Селма Бошкаило) се случува на езерото.

Резиденцијата ја реализираат пет организации: „Перипетија Продукција“ и ЛДА Струга (Северна Македонија), ЛУП (Грција), „Ехо анимато“ (Србија) и „Ојун“ (Германија).

Проектот е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, како и од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Изложбата „Периферии“ е реализирана со поддршка на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид и од „Јуроп хаус Струга“, известија од „Перипетија Продукција“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот