Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ на ДЛУМ ќе биде поставена во куќата на Борко Лазески

Плакат за изложбата на ДЛУМ

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) ја организира изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ секоја година како дел од официјалната годишна програма. Изложбата оваа година се организира по осми пат, што го покажува постојаниот интерес на современите уметници за изразување во ова специфично ликовно подрачје. Изложбата ќе биде отворена од Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Изложбата има за цел да овозможи простор за презентација на дела каде границите на традиционалниот цртеж се поместуваат, повлекуваат и преобликуваат во нови изразни форми. Оваа изложба го слави иновативниот дух на уметниците кои се осмелуваат да ги предизвикаат конвенциите на медиумот, презентирајќи разновидна колекција на експериментални цртежи кои ги предизвикуваат очекувањата и ги повикуваат гледачите да откриваат нови можности на ликовна креација.

– Во оваа ера на огромни можности на комуникација, уметниците постојано бараат свежи начини на изразување. Цртежот, со својата вродена едноставност и разноликост, служи како плодна почва за експериментирање. Од намерното обележување на моливот до спонтаните гестови на јаглен, секој потег на празната хартија е можност да се истражува, да се поставуваат прашања и користат нови материјали и техники – посочуваат од ДЛУМ.

Изложбата „Цртеж. Експериментален цртеж“ оваа година се реализира во куќата на доајенот на македонската ликовна уметност, сликарот Борко Лазески.

ДЛУМ дополнително ја воведува и темата – можност за осврт кон делото на Борко Лазески со идеја да се поттикнат современите автори за истражување и создавање на сопствени дела во релација со цртежите, но не и делото на еден од основоположниците на македонската ликовна уметност. Уникатна можност за синергија помеѓу авторите и просторот во кој творел и живеел великанот Борко Лазески, чие творештво останува да инспирира и поттикнува.

Отворањето на изложбата ќе биде на 25 април (четврток), во 20 часот, а ќе биде отворена за посета до 10 мај 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот