Нов скандал во АНБ: Вработена што ниту вози, ниту има возачка дозвола, треба да плати отштета за сообраќајка?!

АНБ - ФОТО/МИА

По случајот со Олександр Онишченко, нов скандал ја тресе Агенцијата за национална безбедност, овој пат поврзан со неколку автомобили кои, наместо на име на Агенцијата, биле заведени на лични имиња на вработени од Секторот за стратешка соработка, дел од кои воопшто не ни имале возачка дозвола, дознава „Слободен печат“.

За случајот се дознало, кога на една од вработените ѝ стигнала опомена дека извршител ќе ѝ наплати за наводна сторена сообраќајка во којашто таа „учествувала“ со возилото кое било на нејзино лично име, а не на име на АНБ. Но, вработената ниту вози автомобил, ниту има возачка дозвола, ниту знаела дека сообраќајката се случила.

Автомобилот само бил регистриран на нејзино име, а тој што го возел, кога ја направил сообраќајката, во Европскиот извештај ги дал нејзините податоци, односно податоците од запишаниот сопственик на автомобилот. Потоа на тој фалсификуван записник, продолжил и да ги плаќа оштетите од сообраќајката на нејзино име. Вработената без возачка дозвола била повикана од осигурителна компанија за да плати за сообраќајката, за која таа тогаш првпат слушнала.

Со случајот, според нашите информации, се занимава внатрешната контрола на Агенцијата, откако вработената решила да пријави дека била предупредена оти извршител ќе ѝ ги наплати парите од лична сметка како штета од Европскиот записник. Таа пријава покажува дека проблемот е службен, на АНБ, а не нејзин личен. Се дознало дека не само овој, туку и други автомобили, наместо да бидат регистрирани на име на службата, се регистрирани на лични имиња на поединци од вработените, што остава простор за злоупотреби на возилата за неслужбени работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот