Нов проблем за поранешниот шампион: Во Англија отворена истрага против Лестер
Англиската Премиер лига го пријави тимот на Лестер пред независна комисија поради сомнежи за прекршување на финансиските правила за време на сезоната 2023/24, во која „лисиците“ настапуваа во Чемпионшип, пренесе „Би-Би-Си“.
Препорачано
Иако Лестер испадна од Премиер лигата во сезоната 2022/23, арбитражното тело пресуди дека највисокиот ранг на англискиот фудбал има надлежност да отвори постапка за потенцијалните нерегуларности што се случиле во текот на следната сезона.
Независната комисија ќе ги разгледува и две дополнителни повреди на регулативите, прво, дека клубот не ги доставил своите финансиски извештаи до Премиер лигата во предвидениот рок (до 31 декември 2024 година), и второ, дека Лестер не соработувал доволно во текот на истрагата која се водела.
Од клубот реагираа со соопштение во кое нагласуваат дека ќе бидат целосно транспарентни и кооперативни:
„Клубот има намера целосно да соработува во овој процес, откако беше потврдена надлежноста на Премиер лигата за финансискиот период што завршува со 2024 година“, стои во клупското соопштение.
Ќе потсетиме, Лестер сезонава заврши на претпоследната позиција во Премиер лигата и наредната сезона повторно ќе игра во Чемпионшип.


