НОВ ПРЕДЛОГ: Комисијата за заразни болести ќе одлучува дали болните од ковид-19 помалку ќе остануваат во изолација

Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески
Медицинско лице се грижи за пациент на Инфективната клиника во Скопје / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Како што дознава Слободен печат од извори во Комисијата за заразни заболувања, препорака за олеснување на протоколот имало од МАНУ, Институт за јавно здравје, како и од релевантни меѓународни институции.

Комисијата за заразни заболувања на денешниот состанок треба да одлучи дали ќе го прифати предлогот кој стигнал од неколку релевантни домашни и странски институции, задолжителната изолација на пациентите кои биле позитивни на ковид 19 да завршува 10 дена по добивањето на првиот негативен лабораториски резултат. Но ова ќе важи само за пациентите кои имале полесни симптоми. За оние останатите веројатно ќе важи протоколот кој е сега на сила со 14 дена изолација и два негативни брисови. Сега, после 14 дена, на пациентот му се зема еден брис и ако тој е негативен во период од 24 до 48 часа се зема втор и ако и тој е негативен му се укинува решението за изолација.

Но, како што велат упатените, овој нов протокол повлекува многу прашања кои треба да се додефинираат, како на пример кои симптоми ќе се сметаат за полесни, а кои за потешки, кој ќе проверува дали пациентот навистина по тие 10 дена изолација нема симптоми, ќе треба да се каже дали новиот протокол ќе важи и за оние кои веќе имаат решенија за изолација или само за новите.

Нашите извори велат и дека со ова не треба да се брза, посочувајќи ја Србија како пример, каде сега се прави само еден тест, но се размислува повторно да се врати и вториот.

Како што дознава Слободен печат од извори во Комисијата за заразни заболувања, препорака за олеснување на протоколот имало од МАНУ, Институт за јавно здравје, како и од релевантни меѓународни институции. Промената на алгоритмот денеска ќе се разгледува повторно на Комисијата, по што не се исклучува министерот за здравство Венко Филипче да објасни кои и какви новини се планираат.

На почетокот на епидемијата, пациентите кои поради потешки компликации од ковид-19 се лекуваа болнички, не се испуштаа од болницата се додека не добиеја два негативни бриса. Но потоа ова се олабави, па по првиот негативен брис, ако здравствената состојба на пациентот е добра и има можност за изолација во домашни услови, пациентите се пуштаа со решение од Државниот санитарен инспекторат.

Упатените велат дека сознанијата за ковид-19 кои претходно постоеле се надградуваат и прошируваат поради поголемото искуство па и поради тоа се прават промени во алгоритмите за постапување.

Новите научни сознанија за коронавирусот покажуваат дека тестовите на пациентите и по прележана болест може да покажат дека се позитивни само заради тоа што во организмот се уште остануваат мртви клетки од вирусот кои тестовите ги детектираат, но луѓето се сосема здрави и не се ризик за ширење на Ковид-19. Лекарите сметаат дека пациентите се најзаразни пред да ги добијат симптомите и во првите денови од појава на болеста, а веќе по деветтиот ден многу ретко кај пациентот може да се најде т.н. жив вирус кој е реална опасност за ширење на болеста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот