Нов обид да се легализираат дивоградбите, сега адут е да имаат фотоволтаици

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Пратеникот Скендер Реџепи не крева раце од бесправно изградените објекти. Тој смета дека низ закон мора да се расчисти нивниот правен статус. По неуспешниот обид за Измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, сега со иста намена се бараат измени во Законот за градење, но напомош се повикува зелената транзиција

Откако долго најавуваните Измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кои предизвикаа бура од реакции од екологистите, не поминаа во Собранието на крајот од минатата година, во јануари годинава се стокмени нови законски измени, овој пат на Законот за градење, но со иста цел – да се легализираат дивоградбите. Законските измени се доставени до Собранието, а пратениците треба да одлучат дали се „за“ или „против“.

Според процените во нашата земја, има околу 50.000 дивоградби од кои 111 се станбени згради. Измените на Законот за градење предвидуваат на зградите, на куќите и на викендичките, кои ќе побараат да се легализираат, да има поставено фотоволтаични панели со минимум моќност од 5 киловати. Законски измени се предложени од Скендер Раџепи и тој во изјава за „Слободен печат“ рече дека поставувањето соларни панели како услов за легализација е главната измена во предложеното решение за да се легализира некој објект, а притоа тој ги консултирал надлежните експерти во однос на моќноста на фотоволтаичните централи неопходни за задоволување на потребите на домаќинствата. Реџепи беше креатор и на Измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој не помина во декември.

„Објектите со класа на намена А1 и А2 се користат пред сè за примарно семејно домување, при што на сопствениците на ваквите објекти им се овозможува низ законски пропишана процедура да добијат одобрение за градење за својот објект, доколку со свој придонес, покрај двојниот износ за надоместок за уредување на градежно земјиште, овозможат побрза енергетска трансформација на државата. Исто така, станува збор за викенд-куќи, или друг вид објекти за времено сместување, кои се најмногу, а можеби и без исклучок надвор од урбано уредените населени места, каде што електродистрибутивната мрежа е со слаб капацитет, а некои од нив и воопшто немаат пристап до истата, па на овој начин би придонеле како за доброто на државата, така и за свој бенефит, притоа без да наштетат никому“, пишува во предложените законски измени.

Според предлогот, двојно повисок надоместок за уредување на градежно земјиште ќе имаат и индустриски градби со намена: лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија.

Досега повеќепати се продолжуваа роковите за легализација на старите дивоградби, но во меѓувреме никнуваа нови. Само во 2022 година, според податоците на Државниот завод за статистика, се регистрирани 662 бесправно изградени објекти.

И претходно Скендер Реџепи се обиде со законски измени да се легализираат дивоградбите изградени по 2011 година. Екологистите се спротивставија велејќи дека ќе се легализираат и објекти во заштитени зони, загадувачки објекти, а реакциите на јавноста беа насочени и кон тоа дека на ваков начин ќе се легализира криминалот.

Скендер Реџепи е пратеник во Собранието, кој откако ја напушти партијата Алтернатива, дејствува како независен пратеник. Пред неколку месеци формираше своја партија „Народно движење“ и одлучи да се приклучи кон владејачкиот блок на партии предводен од СДСМ. На новиот предлог за Измени на Законот за градење, пишува дека тој е предложен од група пратеници.

– Не, тоа е само мој предлог. Но, со оглед на новите околности, може да биде и предлог на група пратеници. Засега е направен превид – низ смеа вели Реџепи.

И во 2021 година имаше обид да се легализираат дивоградбите. Тогаш законските измени дури и поминаа во Собранието, но претседателот на државата Стево Пендаровски одби да го потпише указот со образложение дека законот е спротивен на Уставот затоа што ги става граѓаните во нееднаква положба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот